На Денот на ослободувањето на Скопје, во Музејот на град Скопје на 13 ноември, со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „На Скопје, со љубов! – Архитектонската мисла на Живко Поповски“ приредена од Анета Христова – Поповска и Мери Батакоја. За книгата и за делото на архитект Живко Поповски ќе говорат академик Влада Урошевиќ, професорот Мартин Гулевски и поранешниот градоначалник на Скопје Ристо Пенов. Ова е прво книжевно дело кое во фокусот го става интелектуалниот ангажман на архитект Живко Поповски.
Во него се поместени текстови, колумни и интервјуа кои Живко Поповски ги напишал и објавил во текот на својот живот, но и авторски цртежи и два воведни текста на приредувачките. „Збирката на текстови во книгата не се држи само во рамките на архитектонското, туку оди подалеку, гледајќи го градот во културолошки релации, а тоа ја прави исклучително важна за пошироката публика“ се наведува во краткиот приказ. Книгата е во издание на Приватен принт Скопје.