Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон денеска извршија увид во изградбата и уредувањето на коритото на Липковска река. Поради комплексност во изведувањето на градежните работи, тим од инжинери во изминатиов период врши испитувања за да не се направат грешки при изведбата на самото речно корито. До почетокот на следната недела ќе се донесе одлука од инжинерите, по што градежните фирми ќе добијат дозвола за продолжување на својата работа.
*Извор на фотографија: Општина Куманово
Првата фаза од проектот опфаќа регулирање на коритото во должина од 400 метри, при што градежните работи треба да завршат до крајот на оваа година. За изведувач на градежните работи е избрана битолската фирма „Стентон градба“. За првичната етапа се издвоени финансиски средства во висина од 13 милиони денари. Градежните активности на терен започнаа во текот на изминатово лето.
Откако ќе се заврши првата фаза, проектот ќе продолжи со регулацијата на коритото на Липковска река во урбаниот дел од градот. Целокупната должина на речното корито ќе изнесува 1.800 метри, а за изведба на градежните работи е предвидено да се одвојат 1.060.000 евра. Со неговата реализација во целост ќе се реши проблемот со поплавувањето на делови од градот при поголеми врнежи, но и ќе се овозможи уредување на околното зеленило и реконструкција на стариот Градски парк во Куманово.