Неуспешно заврши тендерот за набавка, инсталирање и одржување на интегриран паметен систем за управување со уличното осветлување во Скопје. Државната комисија за жалби ја поништила распишаната постапка, се наведува во образложението објавено на веб – страницата на Бирото за јавни набавки. За проектот во вредност од над 5 милиони евра беше распишан тендер од претходната градска администрација на почетокот од јули годинава. Градот Скопје допрва ќе треба да реши дали ќе објавува нова тендерска постапка за реализација на овој проект.
Ако се реализира во наредниот период, новиот систем за управување со уличното осветлување би донел неколку предности. Неговото осовременување би овозможило навремено интервенирање при појава на дефект. Наместо со екипи и по пријава на граѓаните, градските власти по автоматизам би знаеле за евентуалните дефекти или слабости на уличното осветлување. Истовремено, со ваквиот систем би се надминала периодичната проверка на уличните светилки од екипи, но и би се намалила потрошувачката на електрична енергија во ноќните часови.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk