Во просториите на Јавна соба вчера се одржа работилницата „100 идеи за Дебар Маало“, на која се разгледаа идеите на граѓаните за натамошен развој на скопската населба Дебар Маало. Ива Шоковска и Јана Константинова од „Егзибит“ ја објаснија потребата за оваа иницијатива како модел преку кој се вежба демократијата со кооперативни урбанистички алатки. Целта на оваа иницијатива беше да се промовира партиципативен модел на реактивирање на потенцијалите на Дебар Маало, во чии рамки би се вклучиле граѓаните што живеат и работат во населбата.
Керстин Плух од австриското биро „Супервиен“ истакна дека е потребно да се слушаат потребите на граѓаните за севкупниот развој на населбата, потенцирајќи ја потребата од организација на мрежа од активни луѓе со цел позитивно да ја променат ситуацијата. Оваа работилница беше финансиски поддржана од Австриската агенција за развој, додека организатори на настанот беа „Супервиен“ и „Егзибит“. Работилницата се организираше во соработка со Општина Центар.