Авторите Стефани Соларска, Игор Медарски и Фросина Илиевска се добитници на првата награда на Конкурсот за избор на идејно решение за изградба на нова спортска сала за КК „Работнички“ во Градскиот парк. Нивното дело е вреднувано со 300.000 денари. Второнаграден е архитектонскиот труд на Бекир Адеми, Енис Абовски, Енес Север, Амине Адеми, Дорунтина Зендели, Дрен Невзати и Елменида Хасани. Втората архитектонска награда е во вредност од 180.000 денари. Архитектите Минас Бакалчев, Саша Тасиќ, Гордан Петров, Александар Петановски, Горан Марковски и Марија Петрова се стекнаа со третата награда во износ од 120.000 денари.
Општина Центар се одлучи да ги откупи и трите следнорангирани идејни решенија за идното спортско здание. Откупено е авторското дело на Паолина Милушева, Биљана Смилеска, Билјана Темелковска, Гордана Цветковска и Александра Алексовска, трудот на Филип Конески и идејното решение на Кристијан Јорданов, Наташа Чирков, Ана Наумова, Соња Милачиќ, Наталија Андонова и Катерина Тодороска. На архитектонскиот Конкурс беа пријавени 15 идејни решенија, при што за доделувањето на наградите одлучуваше оформеното стручно жири.
Локалните власти во наредниот период ќе треба да се одлучат за тоа кој ќе ја финансира изградбата на новата спортска сала. Треба да следи и оглас за изработка на основниот проект. Идниот повеќенаменски објект во Градскиот парк ќе има капацитет да прими до 3.000 гледачи, а во негови рамки ќе има фан шоп, гардероби, ресторан, кафетерија, игротека и канцелариски простории. Паркирањето ќе биде решено со подземна гаража со капацитет од 150 до 200 возила и надземен паркинг за автобуси и камиони.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk