Претходна статија
Зајде реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“
Следна статија
Два нови тендери за изградба на канализација во Струга и Прилеп

Македонија произвела 47,25% од вкупната енергија потребна за 2015 година

Објавено на 19.10.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Македонија останува земја зависна од увоз на енергија. Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното бруто-примарно производство на енергија во 2015 година изнесувало 1.265.473 toe или 47,25% од вкупно потребната енергија. Вкупната потребна енергија за 2015 година изнесувала 2.678.170 toe. Најголем финален потрошувач на енергија пред две години бил сообраќајот со 31,96%, а по него следувале домаќинствата со 27,77% и индустријата 24,79% од расположливата финална потрошувачка. Во делот на електричната енергија, финалната потрошувачка во домаќинствата изнесувала 1517.74 киловат часови по глава на жител.

Статистичките показатели од енергетскиот биланс за 2015 година покажуваат дека цврстите горива учествувале со 36,3% од вкупната потреба на енергија по видови енергенти. По нив, следуваат нафтените продукти со 36,2% и обновливата енергија со 15,3%. Нашата земја и понатаму користи необновлива енергија во рамките на финалната енергетска потрошувачка на домаќинствата, компаниите и останатите субјекти. Па така, нафтените продукти учествувале со 36,3% од финалната енергетска потрошувачка во индустријата, додека електричната енергија со 35,8%. Природниот гас учествувал само со 5,5% од целокупната потрошувачка на енергија во индустриските капацитети.

 

Идентична негативна слика може да се забележи и кај финалната енергетска потрошувачка на домаќинствата. Уделот на електричната енергија тука е заокружен на 50,8%, додека на биомасата отпаѓаат 40,8% од потрошената енергија во домовите. Топлинската енергија во 2015 година учествувала единствено со 6% од енергетската потрошувачка.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk