Министерството за транспорт и врски објави тендер за избор на компанија што ќе ја гради првата фаза од фекалната канализација и пречистителната станица во прилепското село Ропотово. Инфраструктурниот зафат е проценето дека ќе чини речиси 30 милиони денари, со вклучен ДДВ. Со изведувачот на проектот ќе се склучи договор со времетраење од 12 месеци, а главен критериум за доделување на проектот е најниска понудена цена.
Изградбата на фекалната канализација и пречистителната станица во прилепското село Ропотово беше најавена пред неколку недели од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Тој вети дека со подигнатите средства од Европската инвестициска банка ќе се реализираат вкупно 18 инфраструктурни проекти, меѓу кои е и претстојниот зафат во Ропотово.