Во австрискиот главен град се наоѓа еден од најдобрите системи за јавен превоз во светот, додека метрото со своите 1,3 милиони патници дневно е основата на самиот систем. Виенското метро денес ги има сите вообичаени карактеристики на Австрија – уредност, иновативност, рационалност, инклузивност и одржливост. Со својата должина од 78,5 километри и петте метро линии низ целиот град, виенското метро е рангирано како еден од најсоодветните метро системи за граѓаните од поголемите метрополи во светот. Постојната мрежа во наредните две години ќе се прошири на 90 километри и вкупно 116 метро станици.
Виенското метро е релативно понов систем за масовен транспорт. За разлика од останатите западни метрополи, тој е започнат со изградба во втората половина на минатиот век. Градскиот совет на Виена ја донел одлуката за изведба на метрото на 26 јануари 1968 година. Изградбата на инфраструктурната мрежа во должина од 30 километри започнала на 3 ноември 1969 година на Карлсплац, во срцето на Виена. Првата метро линија во градот е отворена на 25 февруари 1978 година. Метро системот во изминативе четири децении се проширувал со нови метро линии и дополнителни станици.
Возовите од виенското метро сообраќаат секојдневно во периодот од 5 часот наутро до 1 часот по полноќ. Ова превозно средство е изградено во австриската метропола во комбинација со приградската брза железница за поврзување со населените места околу Виена. Приградските возови се воведени на почетокот од 60-тите години на минатиот век, пред официјалниот старт на изградбата на самото метро. Оваа железница денес превезува околу 300.000 патници во текот на 24 часа. Планскиот и постепен развој е главна карактеристика на јавниот превоз во Виена.
Достигнатиот углед на виенското метро може најдобро да се опише преку актуелните градителски проекти што се неизоставно поврзани со ова превозно средство. На 5 октомври 2013 година беше отворена новата станица од метрото на втората линија, која води директно до најголемиот европски проект за проширување на еден град во моментов – Vienna Seestadt. Проектот од пет милијарди евра вклучува изградба на нова населба со преку 20.000 жители, бизнис кварт со деловни објекти за сместување на 20.000 вработени и ново централно градско подрачје за овој округ во Виена. Оваа иницијатива започна да се реализира во 2010 година, а продолжувањето на втората метро линија беше еден од првите чекори што се одвиваа пред изградбата на идните згради.
По принципот „три тима – една цел“, на локацијата на некогашниот аеродром во Виена веќе е започната изведбата на новите зданија. Завршени се градежните работи на еден сегмент од првата фаза со 150 предвидени домови. Почетната етапа треба да се заокружи во наредните години, со што оваа населба би имала 2.845 домови за сместување на 6.000 жители. Целокупниот проект би постанал дел од реалноста најдоцна до 2028 година, кога Виена би ја добила иновативната населба на дваесет и првиот век.
Vienna Seestadt е огромен проект што се реализира во соработка на градските власти од Виена со партнери од економијата и политиката. Вмрежувањето на приватниот капитал со урбанистичкото планирање следуваше откако градските власти се одлучија да инвестираат во проширувањето на метрото кон оваа населба. Урбанистите и архитектите ја понудија својата креативност во оформувањето на јавниот простор, додека компаниите се одлучија да вложат во преселувањето на нивните бизниси на оваа локација. Урбанистички проект од толкав обем се нема реализирано на подрачјето на овој дел од Европа во изминативе неколку години.
Метро станицата Seestadt, заедно со надземната траса на метрото во должина од 4,2 километри, беше пуштена во употреба во 2013 година. На некој начин, локацијата на оваа станица ја оформува границата помеѓу бизнис квартот и станбената населба. Откако ќе го напуштите метрото, на располагање ви се наоѓаат неколку иновативни превозни средства. Автобусите пред станицата имаат тактно поаѓање со самото метро. Во околината се поставени полначи за електрични автомобили, систем за изнајмување на јавни велосипеди и на велосипеди со приколка и паркиралишта за вашиот велосипед. Самите улици имаат една до две коловозни ленти, со што самите урбанисти и инвеститори уште на почетокот се заложиле дека користењето на автомобилот во иднина ќе има второстепено значење за оваа населба.
Vienna Seestadt е еден одличен пример за тоа како урбанистичкото планирање се цени и во актуелните услови на доминација на приватниот капитал во светот. Вклученоста на виенското метро во оваа приказна го покажува стремежот за континуитет во развојот на јавниот превоз во австрискиот главен град. Примерот со внимателно осмисленото инвестирање во оваа населба дава соодветен одговор на прашањето за тоа зошто Виена го има еден од најдобрите метро системи во светот. Конечно, проектот за поврзаноста на виенското метро и оваа населба претставува еден светол пример за тоа како треба да се одвива процесот за постепен, одржлив и контролиран развој на јавниот превоз и урбанизмот во нашето Скопје во некоја подалечна иднина.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk