И по пет години од склучениот договор, никако да започне изградбата на Јужниот булевар (булеварот „Македонија“) во Скопје. Градот денеска објави нов тендер за изработка на измени и дополнувања на инфраструктурниот проект за оваа експресна сообраќајница. Градските власти очекуваат дека за докомплетирање проектната документација ќе потрошат околу 420.000 денари. На изработка на основниот проект и на основниот сообраќаен проект веќе работат од фирмата „Чакар-Партнерс“, за што од градската каса беа исплатени 4,2 милиони денари.
Пред да започнат било какви градежни активности, градските власти мора да ја изработат во целост проектната документација за овој подземен булевар. Неговата реализација се одвива исклучително бавно, ако се земе во предвид фактот дека договорот со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан уште во 2012 година. Турскиот инвеститор се обврза да ја изгради подземната сообраќајница со должина од 800 метри, додека над него е предвидено да се изгради комплекс со површина од околу 300.000 метри квадратни. Јужниот булевар е исклучително важен проект за Скопје, тргнувајќи од фактот дека главниот град нема транзитна сообраќајница во центарот. Неговата изградба треба значително да го скрати времето на транзитирање низ центаралното градско подрачје и да го растовари сообраќајот на постојните булевари и улици.
» Форумска дискусија за урбаните автопати во Скопје