Општина Штип денеска го започна асфалтирањето на новата мини обиколница во градот, а до крајот на градежната сезона ќе биде поставен и новиот мост на реката Брегалница. Локалните власти информираат дека во моментов се работи на алфалтирање на околу еден километар од обиколницата. Самиот мост што ќе ги поврзе двата брега на реката Брегалница е со должина од 60 метри. Целокупната инвестиција во овој инфраструктурен проект изнесува околу 43 милиони денари. Градежните работи ги изведува фирмата „Актива“ од Штип. Реализацијата на овој проект започна кон крајот на март 2017 година.
Со изградбата на штипската обиколница се очекува растеретување на сообраќајот на булеварот „Гоце Делчев“, но и поврзување на штипските населби „Сењак“ и „Пребег“. Со зафатот ќе се овозможи поврзување на неколку штипски населби со индустрискиот дел од градот. Ширината на коловозот на штипската обиколница е седум метри, а предвиден е и тротоар со ширина од два метри.