17-тото издание на архитектонскиот симпозиум Денови на Орис ќе се одржи на 14 и 15 октомври во концертната сала Ватрослав Лисински во Загреб. Предавачи на овогодинешниот настан се: RCR Arquitectes од Шпанија, Schmidt Hammer Lassen Architects од Данска, OFIS arhitekti од Словенија, Walter Agnonese од Италија, Davor Mateković од Хрватска, Go Hasegawa од Јапонија, Vedran Mimica од Хрватска и architecten de vylder vinck taillieu од Белгија. Во својство на модератори на овогодинешното издание ќе учествуваат Maroje Mrduljaš и Dinko Peračić.
Денови на Орис е меѓународен архитектонски симпозиум во организација на Орис – Куќа на архитектура, кои произлегоа после почетниот успех на магазинот Орис, кој континуирано излегува веќе 19 години. Симпозиумот за првпат е организиран во 2001 година како дводневен настан со предавања на истакнати странски и локални архитекти. Изборот на предавачи и нивниот одзив се резултат на меѓународниот углед на магазинот, како и на мрежата на соработници и автори која Орис ја изгради со текот на годините.
На Денови на Орис досега предавале глобално експонирани светски архитекти, но и радикални и експериментални автори. Орис досега пречекал повеќе од 250 предавачи од целиот свет, овозможувајќи и на домашната, но и на странската публика да слушнат предавање од врвни архитекти. Повеќе информации во врска со овогодинешното издание на Денови на Орис може да прочитате овде.