Претходна статија
Перформативно-истражувачкиот проект „Кога зградите би зборувале“ викендов во рамки на МОТ
Следна статија
АЕК годинава со двојно повеќе пари за изградба на Телекомуникациската кула на Водно

Државата собира многу данок, а малку вложува во заштита на животната средина

Објавено на 28.09.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Република Македонија е уникатен случај на држава во која се собираат повеќе даноци поврзани со животната средина отколку што се вложува за нејзината заштита. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2015 година биле уплатени даноци поврзани со животната средина во износ од 105.274.000.000 денари, додека една година подоцна во трошоци за заштита на животната средина се издвоиле скромни 9.778.945.000 денари. Поаѓајќи од ваквите пресметки, произлегува дека само една десетина од средствата собрани од даноци за животната средина се насочуваат кон инвестиции во нејзината заштита.

 

*Скопје плаќа даноци за животна средина, а парите се трошат за други проекти

 

Статистичарите утврдиле дека од даноци за енергенти во 2015 година се собрани 67.966.000.000 денари, додека од даноците за транспорт се инкасирани 36.318.000.000 денари во буџетот. Најинтересниот од сите овие даноци – данокот за загадување учествувал во буџетот за 2015 година со 989.000.000 денари. „Даноците поврзани со животната средина се еден од економските инструменти за контрола на загадувањето и за управување со природните ресурси што имаат за цел да влијаат врз однесувањето на економските субјекти, производителите и потрошувачите“ се наведува во извештајот на Државниот завод за статистика.

 

Само една година подоцна, во нашата земја биле инвестирани многу помал квантум на средства кон заштитата на животната средина. На пример, за заштита на воздухот се вложени само 605.216.000 денари, додека за управувањето со отпадни води биле пренасочени средства од 3.308.513.000 денари. Овие поразителни бројки за работењето на државните власти и на локалните самоуправи доаѓаат само неколку месеци откако весникот „Гардијан“ ги вметна Скопје, Тетово и Битола во листата на десет европски градови со најзагаден воздух со штетните ПМ 2,5 честички. Македонскиот главен град е раритетен негативен случај во светски рамки и со најголемата депонија на линдан, којашто е несоодветно складирана во кругот на фабриката „ОХИС“.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk