По цели четири години од ветувањето дадено од претходната влада, денеска е објавен тендерот за изградба на фекална канализација во скопската населба Гоце Делчев. Градот Скопје ја распиша постапката за избор на изведувач што ќе го изгради инфраструктурниот објект на територијата на оваа населба лоцирана во општина Гази Баба. Проценетата вредност на проектот изнесува околу 12 милиони денари. Градежниот зафат треба да се реализира во рок од 12 месеци, со што трајно ќе биде решен проблемот со септичките јами во оваа скопска населба.
Проектот за изградба на фекалната канализација во населбата Гоце Делчев започна пред четири години. Во соработка со претходната влада, Градот Скопје планираше да го реши проблемот со отпадните води за повеќе од 12.000 жители од населените места Јурумлери, Гоце Делчев и Трубарево. Инфраструктурниот зафат беше проценет на 50 милиони денари, а севкупните градежни работи требаше да завршат најдоцна до 2016 година.