Со презентација на 16 нови праисториски куќички, заокружена е изградбата на Музејот на вода кај „Заливот на Коските“ на Охридското крајбрежје близу Градиште. Во него сега има вкупно 24 наполно уредени наколни куќарки со праисториски експонати, а исто така комплексот е збогатен со две плажи и дрвено пристаниште во стилот на населбата, како и 11 дрвени бунгалови на копното и театарски простор со сцена за изведба на камерни претстави. На ридот кој се наоѓа во близина, во обновениот римски каструм, подигнати се седум дрвени објекти во римски стил.
Проектот го чинеше Министерството за култура околу 3,5 милиони евра. Првата фаза на комплексот се градеше од мај до декември 2008 година. Тој е конципиран околу обновата на наколна населба од бронзеното време која датира од 1200 до 600 година пред новата ера, за која според истражувањата спроведени во периодот од 1997 до 2005 година, се претпоставува дека своевремено се простирала на површина од околу 8.500 квадратни метри. Платформата е поставена на 3.346 колци долги по 6 метри и е поврзана со копнениот дел на комплексот со мост долг 15 метри.
Форумска дискусија за овој проект » овде