Претходното раководство на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) во периодот од 2012 до 2017 година потрошило 212 милиони евра за ангажирање надворешни компании за ископ на јаглен и јаловина и за помошна механизација за транспорт. Директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски на денешната прес-конференција информираше дека потрошените пари за ангажирање на пет компании придонеле за зголемување на регулираната цена на електрична енергија од дури 20%. За идентични активности, државната енергетска компанија во периодот 2000-2005 година потрошила само 38 милиони евра.
Фрапантните бројки доведоа до тоа новото раководство на ЕЛЕМ да размислува за купување на сопствена опрема за ископ на јаглен за македонските термоелектрани. Со изработената физибилити студија е проценето дека за опремата ќе бидат потребни 64 милиони евра, при што во првата фаза ќе се набават машини во вредност од 24 милиони евра. Директорот Драган Миновски информираше дека до почетокот на ноември ќе бидат завршени редовните ремонти на трите блока од РЕК „Битола“.
Во однос на горливиот проблем со загадувањето со сулфур и прашина од страна на РЕК „Битола“, директорот Миновски информираше дека ЕЛЕМ допрва ќе изработува план за намалување на загадувањето на воздухот. Во моментов течат преговори со компанијата „УСЈЕ“ за преземање на тешката пепел како отпаден материјал од работењето на термоелектраните. Во 2018 година е предвидено да се постават нови електростатски филтри за подобрување на состојбата со загадување на воздухот.
Претходното раководство на ЕЛЕМ изработи физибилити студија за пронаоѓање адекватни модалитети за прекин на натамошното загадување од РЕК „Битола“, а беше работено и на Студија за десулфуризација на излезните гасови од битолската термоелектрана. Сепак, до денешен ден останува нејасно што од сето ова е реализирано во стварноста.