Општинските власти во Куманово во изминатиов период успеаја да реконструираат десетици улици на територијата на овој град. Паралелно со санацијата на подземната канализациона мрежа, во Куманово се реализира проект за асфалтирање на позначајните сообраќајници во вредност од 55 милиони денари. Општина Куманово известува дека во изминативе денови било завршено асфалтирањето на улици во населбите „Перо Чичо“, „Ајдушка Чешма“, „Гоце Делчев“, „Тоде Мендол“ и во селото Черкези. Во изминативе неколку месеци биле поставени околу 17.000 метри квадратни асфалт.
*Извор на фотографија: Општина Куманово
Од предвидениот буџет, локалната самоуправа за асфалтирање на улиците во градот потрошила околу 47 милиони денари. Со реконструкцијата се опфатени главните сообраќајници во централното градско подрачје, но и помалите улици во кумановските населби. Интервенцијата кај дел од патната мрежа се врши по завршувањето на градежните работи за санација на канализационата мрежа. Општина Куманово ќе продолжи со реализација на проектот до исцрпување на финансиските средства предвидени за оваа намена.