Варшавското метро е проект што ја следи судбината на Полска во дваесеттиот век. Многу пати предложен, започнат и прекинат низ турбулентните историски мигови. Со своите 29 километри распространети низ полскиот главен град, метрото во Варшава дневно превезува над 600.000 патници. Иако идејата за изградба на подземна железничка мрежа била иницирана во далечната 1918 година, додека метрото во Варшава било пуштено во употреба дури во 1995 година. Покрај бугарскиот главен град Софија, Варшава била единствената престолнина во поранешниот Источен блок што немала сопствен метро систем, иако бројката на население во полската метропола надминувала 1.000.000 жители.
Откако Варшава го стекнала статусот на главен град на Полска, во 1918 година се родила идејата за изградба на метро систем. Локалните власти во 1925 година ги започнале прелиминарните активности за изготвување на планската документација, ветувајќи дека метрото ќе почне да се гради во доцните 20-ти години од минатиот век. Но, Големата депресија од 1929 година го вковала светот во длабока економска криза, а со тоа и ги урнисала плановите за изградба на варшавското метро. Стефан Старжински во 1934 година е избран за градоначалник на Варшава. Тој се навратил на планот за изградба на метро, констатирајќи дека две линии во должина од околу 14 километри ќе ги задоволат тогашните потреби на Варшава. Градежните работи за изведба на проектот започнале во 1938 година, но нацистичката агресија во текот на Втората светска војна довела до прекин на сите активности.
Како одмазда за храброста на востаниците од Варшавското востание, Хитлер пред самиот крај на Втората светска војна се одлучува да го уништи полскиот главен град. Околу 80% од метрополата е намерно срамнета со земја под налетот на нацистичкото лудило. По војната, советските стратези во 50-тите години од минатиот век планирале да изградат метро систем длабоко под земја, којшто, меѓу другото, би користел за потребите на советската армија. Ископувањето на подземните тунели започнало, но градежните работи биле прекинати набрзо по смртта на Сталин и промената на тогашното раководство.
*Мапи на варшавското метро и градско – приградската железница на Варшава
Принципот „тргни-застани“ со изведбата на варшавското метро траел сѐ до 1983 година. Тогашните комунистички власти конечно го одобриле проектот за изградба на првата метро линија, по што градежните работи можеле да започнат. Изведбата на проектот се одвивал во период на големата економска криза во Полска, со застарена технологија на изградба и недостаток на материјали. И покрај сите потешкотии, значајниот историски миг за полската метропола е испишан на 7 април 1995 година. На тој ден била пуштена во употреба првата метро линија во должина од 11,1 километри, на потегот помеѓу станиците Кабати и Политехника. Првата метро линија се проширувала постепено сѐ до 2008 година. Оваа траса денеска ги поврзува северните и јужните предградија на Варшава со нејзиниот центар, оформувајќи траса во должина од 22,6 километри.
*Метро линија 1 во Варшава
По завршувањето на првата метро линија, општинските власти во Варшава ја започнале изградбата на втората делница. Како членка на Европската унија, Полска успеала најголем дел од финансиската конструкција за проектот да ја обезбеди од фондовите на Европската унија. Договорот за изградба на втората метро линија бил потпишан во 2009 година, додека градежните активности стартувале во 2010 година. На 8 март 2015 година била свечено отворена втората делница од варшавското метро, којашто ги поврзува двата брега на реката Висла кон исток и запад. За краток временски период биле издигнати околу 6,5 километри од втората метро линија во Варшава.
*Метро линија 2 во Варшава
Проектот за изградба на варшавското метро со несмалено темпо се развива до денешен ден. Долгорочните проекции велат дека овој вид на јавен превоз треба да се разграни на четири метро линии, со вкупна должина од 100 километри. Како и да е, во моментов ефективно се работи на доградбата на втората метро линија, но се подготвува и проектната документација за линијата број 3, со осум предвидени метро станици. Варшавските локални власти на 29 септември 2016 година потпишаа два договори за проширување на втората метро линија за дополнителни 6,52 километри. Новата траса предвидува изведба на шест метро станици во западниот и во североисточниот дел на Варшава. Избраните градежни компании од Турција и од Италија треба да ја комплетираат втората метро линија до средината на 2019 година. Најголем дел од финансиските средства се обезбедени од буџетот на Европската унија за предвидениот период од 2014 до 2020 година.
*Метро линија 1 во Варшава
Двете метро линии во Варшава функционираат секојдневно во периодот од 5 часот наутро до полноќ. Возниот ред на метро возовите се прилагодува на потребите на патниците, но првата метро линија сѐ уште е костур на целиот систем, со предвидени поаѓања на секои 2-3 минути во текот на утринските и попладневните часови. Варшавското метро ги опслужува патниците со 40 метро возови од производителите „Метровагонмаш“, „Алстом“ и „Сименс“. Првите метро возови пристигнале од Советскиот Сојуз во 1990 година, при што полските власти се снабдиле со дополнителни вагони од рускиот производител во 1994, 1997 и 2007 година. Француската компанија „Алстом“ испорачала метро возови за варшавското метро во 2005 година. Германскиот производител „Сименс“ во периодот до 2013 година доставил 35 нови метро возови за Варшава.
*Метро линија 2 во Варшава
Со континуираното унапредување на инфраструктурната мрежа, метро системот прераснува во водечко превозно средство од јавниот превоз на Варшава. Жителите од овој град се исклучително задоволни од услугите на варшавското метро, а неодамнешните анкети покажуваат дека дури 98% од испитаните лица го рангирале изграденото метро со оценката „добро“ и „многу добро“. Позитивната страна од неколкудецениската изградба на метрото е нејзиното внимателно проектирање и надополнување на постојниот јавен превоз. Варшавското метро е надоградба на дотогашниот јавен превоз од автобуси, трамвај и градско-приградска железница. Варшавската лесна железница кон западните предградија на градот е изградена уште во 1925 година, додека варшавската брза железница се состои од четири дополнителни линии што го ползуваат железничкиот јазол на Варшава. Поаѓајќи од ваквата организација на јавниот превоз, Варшава на своите 1,7 милиони жители им овозможува современ, развиен и брз транспорт на целата своја територија.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk