Владата го усвои текстот на Предлог законот за градежно земјиште и истиот ќе биде предложен до Собранието на Република Македонија. Со него се предвидува од 01.07.2011 година, единиците на локална самоуправа кои ги исполнуваат условите, да управуваат со градежното неизградено земјиште во сопственост на Република Македонија. Со тоа процесот на отуѓување и давање под закуп, кој во моментот го води Министерството за транспорт и врски, ќе се префрли на локално ниво, во самите општини.
Голема придобивка од овој закон ќе биде тоа што на едно место (по принципот на едношалтерски систем), во единиците на локална самоуправа, заинтересираните домашни и странски инвеститори ќе можат да ја остварат целата постапка околу купување и закуп, добивање на локациски услови и одобрение за градење, па се до моментот на реализација на урбанистичката планска документација, односно изградба на предвидените објекти на тоа земјиште согласно важечките планови.
Законот ги предвидува следните услови кои општините, општините во градот Скопје и градот Скопје е потребно да ги исполнат за да се стекнат со надлежност во име на Република Македонија да располагаат со државното градежното земјиште:
•да имаат изготвено и усвоено едногодишна програма за работа во областа на располагањето со градежното земјиште сопственост на Република Македонија
•да имаат потребен број на вработени лица кои поседуваат овластување
•да имаат формирано Комисија за спроведување на постапки за јавно наддавање
•да имаат воспоставено електронскиот систем за јавно наддавање на градежно земјиште сопственост на Република Македонија
Неопходниот број на вработени лица кои поседуваат овластување во оваа сфера изнесува најмалку две лица за општини кои имаат до 20.000 жители, три лица за општини кои имаат од 20.001 до 40.000 жители; четири лица за општини кои имаат од 40.001 до 80.000 жители и пет лица за општини кои имаат повеќе од 80.001 жители. Заради следење, остварување и унапредување на начинот на вршење на работите за располагање со државното градежно земјиште, се основа и Комитет за градежното земјиште сопственост на Република Македонија како советодавно и координативно тело.
За службените лица во единиците на локална самоуправа и Министерството за транспорт и врски кои ќе сторат прекршоци и неправилности во процедурите, предвидени се глоби од 500 до 4.000 евра во денарска противредност.
Во изработката на Предлог законот активно учество имаше ЗЕЛС, градоначалниците и претставници на општините, претставници на бизнис секторот, УСАИД, а текстот повеќепати беше предмет на јавни дебати. Исто така беа консултирани голем број на институции: Министерство за правда, Министерство за финансии, Министерство за локална самоуправа, Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, Државно правобранителство на Република Македонија, Секретаријат за законодавство, Дирекција за технолошко индустриски развојни зони, Државна комисија за спречување на корупција, Агенција за катастар на недвижности, а предлозите и забелешките од истите во најголем дел се вградени во законот.