Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки денеска потпиша договор за изградба на фекална канализација во скопското село Арачиново. Со проектот се предвидува изградба на примарна канализациона мрежа од седум основни и пет помошни краци со должина од 3.030 метри. Надлежното министерство ќе ја реализира изградбата на четвртиот и на седмиот крак.
За изградба на фекалната канализација во ова село од Општина Арачиново се обезбедени финансиски средства од околу 35 милиони денари. За изведувач на градежните работи е избрана фирмата „ЈУ-БАЈ“ од Скопје која има рок од 16 месеци за завршување на целиот зафат. Тендерот за реализација на овој проект беше распишан кон крајот на јули годинава.