Од наредниот месец Тетово ќе го добие првиот хотел брендиран под капата на меѓународен ланец на хотели. Хотелот „Mercure“ во Тетово ќе биде отворен во склоп на неодамна изградениот комплекс „РЕМ Центар“ во центарот на градот. Хотелот со пет ѕвезди ќе располага со 101 соби и апартмани, а меѓу планираните содржини во објектот е предвидено да има ресторан, бар, конференциска сала, свечена сала и велнес центар. Основните информации за отворање на тетовскиот хотел под капата на групацијата „Accor“ веќе се објавени на веб-страницата на хотелите „Mercure“.
Како носител на франшизата за хотелот „Mercure“ е наведена тетовската фирма „Ренова“, којашто беше и еден од инвеститорите на комплексот „РЕМ Центар“. При пуштањето во употреба на трговскиот центар пред три години, инвеститорите („Ренова“ и „Електрометал“ од Тетово) напоменаа дека во рамки на комплексот е предвиден и хотелски комплекс. „РЕМ Центарот“ беше промовиран како инвестиција во износ од 40 милиони евра, а површината на комплексот изнесува 60.000 метри квадратни. „Ренова“ во наредниот период ќе треба да објави и дополнителни информации во однос на инвестицијата во самиот хотел.
Тетовскиот хотел „Mercure“ ќе постане дел од меѓународниот бренд „Mercure“, во чии рамки на крајот од минатата година се наоѓале 747 хотели низ 55 земји од целиот свет. Брендот е во сопственост на француската групација „Accor“, којашто веќе неколку години е присутна на македонскиот пазар преку хотелот „Ibis“ во Скопје.