Кандидатите за градоначалници на Општина Карпош ќе се соочат со листа на барања од жителите на населбата Карпош 4. Граѓанската иницијатива „Ние сме Карпош 4“ побара од новиот градоначалник на Карпош да ги ревидира сите започнати градби и да ги стопира сите градежни дозволи што не се правосилни. Од оваа иницијатива бараат ревидирање на сите урбанистички планови донесени во изминативе осум години, додека за населбата Карпош 4 бараат забрана за изградба на нови објекти што не се од јавен интерес. Граѓаните бараат да се санира салата „Партизан“, но и да се одржуваат сите објекти од јавен карактер што се веќе изградени.
Жителите на населбата бараат просторот на потегот од хотелот Александар Палас до пешачкиот мост кај телевизија Канал 5 да биде впишан како нов парк во урбанистичката документација, додека сопствениците на земјиштето да се обесштетат. Од граѓанската иницијатива бараат и забрана за пренамена на зелените површини во каква било друга намена. „Нас ни се потребни одговорни и чесни луѓе, способни да ја направат нашата општина пристојно место за живеење“ посочуваат од „Ние сме Карпош 4“.