Министерството за транспорт и врски ја избра фирмата што ќе ја изведува втората фаза од изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп. Министерот Горан Сугарески денеска најави дека изведбата на делницата од Дреново до Градско ќе започне до крајот на оваа година. Тој дополни дека надлежното министерство ги обезбедило сите средства потребни за реализацијата на сите три фази од изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп. Градежните работи е планирано да завршат до крајот од 2019 година.
„Слободно можам да кажам дека ги обезбедивме сите средства за изградба на експресниот пат од Градско до Прилеп, во висина од 70 милиони евра“ изјави Сугарески. За втората фаза од проектот веќе беше одобрен грант од ЕУ во висина од 35,4 милиони евра. Министерот Сугарески денеска најави дека Европската Унија ќе обезбеди неповратни средства и за финансирање на третата фаза од експресниот пат, на потегот од Тројаци до Плетвар.