Паркот на поезијата во Струга е оставен во заборав на времето. Двата најголеми етникума во градот веќе подолг период ја обележуваат својата територија, додека овој парк, со сета своја тежина на светските автори зад себе, потсетува на филмот „Ничија земја“. Јавниот простор со површина од 5.480 метри квадратни има искорнати канделабри, неупотребливи канти за отпадоци, исушена трева, фонтани што не работат, искршени клупи и недостаток на информативни табли за значењето на ова место исполнето со спокој. Најинтересната работа којашто може да му се случи на некој посетител е да го удри струја од исечените и необезбедени приклучоци за струја за канделабрите во паркот.
Она што со сигурност ќе го забележат посетителите е долгогодишното отсуство на обележјата посветени на писателите коишто засадиле дрвце во Паркот на поезијата. Овие малечки плочки од месинг, што беа поставени до секое дрво од струшкиот парк, веќе подолг период предизвикуваат расправа во врска со јазиците на кои треба да бидат испишани. Пред неколку години овие обележја беа украдени од паркот, а претходната влада на партијата ВМРО-ДПМНЕ вети дека ќе го обнови паркот во целост. Ништо од ветеното до денешен ден не е реализирано. Искорнатите обележја на авторите претставуваат уште еден доказ за негрижата што го оковала Паркот на поезијата во Струга.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk