Градот Скопје ја избра фирмата „Прима Инженеринг“ за изработка на идеен проект за поврзување на улицата „Лазо Трповски“ со натпатник кај железничката станица Скопје Север. Новиот натпатник ќе оформи дополнителна патна врска меѓу улиците „Босна и Херцеговина“ и „Боца Иванова“, со што ќе се намали сообраќајниот метеж на постојните сообраќајници што ги поврзуваат општините Чаир и Бутел. Договорот за подготовка на идејниот проект е во вредност од 717.912 денари и е со времетраење од три месеци.
Надземната патна врска над железничката пруга е во почетна фаза од реализација. По изработката на идејниот проект, надлежните власти ќе треба да го изготват основниот проект и останатата документација. Финалната вредност на овој проект ќе се знае по целосната подготовка на проектната документација. Тендерот за избор на фирма за идејниот проект беше распишан кон средината на јуни годинава.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk