Заврши архитектонскиот Конкурс за избор на идејно решение за идната спортска сала за кошаркарскиот клуб „Работнички“. Општина Центар информира дека пристигнале 15 трудови од архитектонската фела, коишто во наредниот период ќе бидат разгледани од формираната комисија. Во жирито членуваат еден професор од Архитектонскиот факултет, претставник од Асоцијацијата на архитекти на Македонија и тројца вработени од Општина Центар. По оценката на пристигнатите трудови, локалната самоуправа ќе организира архитектонска изложба на сите идејни решенија.
„Добитникот на првата награда за избрано наградно решение ќе добие 300.000 денари, второнаграденото дело 180.000 денари, а третонаградениот 120.000 денари. Комисијата ќе ги цени трудовите според однапред утврдени критериуми: оригиналност, креативност, инвентивност, функционалност, естетика“ информираат од Општина Центар. Архитектонскиот конкурс беше распишан кон средината на јуни годинава.
Новата спортска сала за КК „Работнички“ ќе се гради во Градскиот парк во Скопје на местото на претходно планираната „барокна“ катна гаража. Повеќенаменскиот објект ќе собира до 3.000 гледачи, а во негови рамки ќе има и фан шоп, гардероби, ресторан, кафетерија, игротека и канцелариски простории. За посетителите е предвиден надземен паркинг за автобуси и камиони и подземен паркинг со капацитет од 150 до 200 возила.