„Каков Офицерски ни треба?“ е централната тема на 12-тото издание на Фестивалот за современи уметност АКТО, што ќе се одржи на 1 и 2 септември во Битола. АКТО АГОРА е предвидено да се одржи во паркот пред Офицерскиот дом во Битола на 2 септември, со почеток од 12 часот. На јавната расправа ќе учествуваат министерот за култура Роберт Алаѓозовски, активисти од Битола и Скопје, парламентарци од повеќе политички партии, парламентарци – членови на комисијата за култура, членови на советот за култура на општина Битола, граѓани од овој град, раководители на јавни институции во Битола, експерти за културно наследство и членови на независната културна сцена од неколку градови.
*Извор на фотографија: Фејсбук-страница на АКТО фестивал.
Целта на оваа расправа е да се даде увид во две важни работи – мислење за неколку модели на управување, но првенствено заштита на овој објект и неговата околина како културно наследство од особено значење. „АКТО во партнерство со Завод и Музеј Битола, во неколкумесечен процес на работа, разработуваше различни пристапи кон прашањето – да се заштити објектот со заштита од особено значење и да се побара најсоодветен модел за негово функционирање и содржина“ се посочува во поканата до граѓаните за учество на настанот. Саботната јавна расправа е изработена во рамки на проектот „Културни простори за активни граѓани“, во партнерство со Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста.
Во рамките на овогодинешниот АКТО фестивал ќе се организира и изложбата на постери на тема „Футуристички споменици од старата Југославија“ од авторот Зоран Кардула. „Исто како и во останатите редизајни на постери и во оваа серија Кардула сака да ја покаже југословенската уметност, но овој пат преку мистичните и убави бруталистички споменици“ се наведува во поканата за отворање на изложбата. Настанот ќе се отвори на 2 септември, со почеток од 12 часот напладне, на платото спроти Мезе-барот Јагода.