По повеќе од 18 месеци од поставувањето на камен – темелникот, започна изградбата на црквата „Христос Спасителот“ во скопската населба Карпош 3. Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска го посети градилиштето, образложувајќи го притоа доцнењето на изведбените работи на овој верски храм. „Единствената причина за застојот на изградбата на верскиот храм е спорот кој постоеше помеѓу Македонската православна црква и Јавното претпријатие за управување со спортски објекти“ посочи градоначалникот Стевчо Јакимовски. Тој истакна дека семејството Антиќ останува да биде ктитор на изградбата на црквата. Градоначалникот Јакимовски дополни дека самиот ќе донира средства за овој верски објекти, повикувајќи ги граѓаните да учествуваат со сопствени донации.
*Извор на фотографија: Општина Карпош
Првиот човек на Општина Карпош најави изградба на нови верски храмови на територијата на оваа скопска општина. Јакимовски изјави дека цркви ќе се изградат во населбата Влае пред „Порта Влае“ и во населбата Козле кај споменикот на Кузман Јосифовски – Питу. Од опозицискиот СДСМ во Карпош веќе го обвинија градоначалникот Стевчо Јакимовски дека не е изградена ниту една од ветените цркви за граѓаните од овој дел на Скопје. Оваа општина е меѓу единствените во Скопје којашто не добила верски храм, иако постојат жители кои со години бараат барем една црква во нивната непосредна околина. Од СДСМ пред два месеци го обвинија градоначалникот Јакимовски дека не ги исполнува дадените ветувања пред граѓаните.