Изработката на урбанистичка документација за разурнатото Скопје е круцијален придонес на стручњаците од Полска во постземјотресната обнова на градот. Во борбата со временскиот теснец и новата методологија на работа, експертите успеаја да го подготват планот за Скопје низ една меѓународна соработка, под покровителство на Обединетите нации, којашто не била забележана во дотогашната историја. Сепак, тука не треба да ја изоставиме и останатата помош пристигната од Полска. Средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“, проектирано од архитектот Јан Жданович, и 30 индивидуални куќи за жителите на Скопје се донации што пристигнуваат од оваа земја по скопскиот земјотрес. Притоа, најскапоцениот дар од Полска за разурнатото Скопје е несомнено проектот врз основа на кој е изграден Музејот на современа уметност на Скопското Кале.
Приказната за Музејот на современа уметност започнува од Програмата за помош на Скопје, којашто полската влада ја иницирала веднаш по земјотресот од 1963 година. Маријан Шумановски во стручното списание „Архитектура“ од 1966 година посочува дека една од донациите на Полска вклучувала понуда за изработка на целокупна техничка документација за изградба на објект од јавен карактер. Веднаш по земјотресот, во македонската престолнина пристигнале донирани уметнички дела на познати автори од целиот свет. Официјалните власти ја спознале потребата од оформување на нова музејска установа, којашто би се грижела за адекватно чување и третман на ваквите дела. „Градското собрание на Скопје го избра проектот за Музејот на современа уметност. Во договор со полската страна, се сметаше за соодветно да се објави отворен архитектонски конкурс“ напишал Маријан Шумановски во неговиот труд од 1966 година.
Сојузот на архитектите на Полска (САРП) во 1966 година го објавило Конкурсот за идеен проект за Музејот на современа уметност во Скопје. Амбасадата на Република Полска во Скопје во текот на 2014 година ја објави монографијата за историјата на создавање на овој објект. Во ова дело е наведено дека барањата и инструкциите за архитектите биле строго дефинирани од надлежните органи на Скопје и на Југославија, со особен придонес на Борис Петковски како прв директор на оваа музејска установа. Интересот на професионалната фела во Полска бил огромен – на Јавниот конкурс пристигнале 89 архитектонски труда.
Полските историчари на уметност и архитектонски критичари до денешен ден со особен интерес пристапуваат кон извонредните дизајни за Музејот на современа уметност во Скопје. Меѓу овие творби има дела на познати автори, коишто зад себе оставиле цели архитектонски теории од ерата на модернизмот. Се верува дека меѓу нив е и Станислав Замечник, за чиј труд многу малку се зборувало во македонската јавност. Томаж Фудала, куратор од Музејот на модерна уметност во Варшава, ни го испрати експресионистичкиот цртеж на Станислав Замечник за Скопје. Фудала смета дека неговиот труд бил најверојатно еден од идејните проекти доставени на Конкурсот за Музејот на современа уметност. Станислав Замечник бил фасциниран од Зигфрид Гидион и неговата Простор, Време и Архитектура. Архитектурата за него претставувала своевиден наратив што ги насочувал луѓето, покажувајќи им како да циркулираат околу ѕидовите. Оваа модернистичка визија најверојатно била антиципирана како премногу футуристичко решение за скопскиот музеј од страна на жирито.
*Скици на архитектот Станислав Замечник, за коишто се верува дека го претставуваат неговиот дизајн за Музејот на современа уметност во Скопје; Фото: Томаш Фудала, Музеј на модерна уметност во Варшава.
Александра Кеџиорек од Музејот на модерна уметност во Варшава во нејзиниот труд “The Museum of Modern Art in Skopje and the Potentiality of an Exhibition Space“ го објаснува трудот на Оскар Хансен испратен на распишаниот Конкурс за скопскиот музеј. Хансен се обидел да изработи проект што ќе овозможи простор погоден за континуирано реинтерпретирање во согласност со потребите на уметникот. Таа не беше замислена како зграда што би постоела, туку како настан што сам по себе би се случил, посочува Александра Кеџиорек.
Оскар Хансен во 50 – тите години од минатиот век ја создал теоријата на отворената форма. Под нејзино влијание, во дизајнот за скопскиот музеј се обидел да вклучи два елемента, со кои би се оформила флексибилна структура за специфичниот околен пејсаж. Сегментот наменет за привремени изложби бил проектиран над просторот за постојана поставка. Како своевиден дијалог помеѓу отворената и затворената форма, проектот креирал однос со блиската Мустафа-пашина џамија како своевидна затворена форма. При организирањето привремени изложби, горниот дел од музејот како отворена форма постанува функционален и објектот доминира во просторот. Но, ако некој го затвори овој дел од зградата, тогаш џамијата би била поизразена. На тој начин, би се оформил дијалог помеѓу овие две форми. „Делото на Хансен е отфрлено од комисијата поради техничката неможност за негова реализација“ ќе напише Александра Кеџиорек во нејзиниот труд „The Museum of Modern Art in Skopje and the Potentiality of an Exhibition Space“.
Творбите на Оскар Хансен и Станислав Замечник претставуваат еден мал сегмент од сето она што било изработено од архитектите од Полска за Музејот на современа уметност во Скопје. Оформената комисија на 16 мај 1966 година ги објавила резултатите од архитектонскиот Конкурс. Проектот под реден број 16 на тројцата архитекти Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки ја освоил првата награда. Познатите „Тигри“ од Варшава биле победници на архитектонскиот Конкурс. „Трудот е награден со I награда поради доброто функционално решение, просторните вредности, едноставноста на употребените средства, како и предностите во поглед на реализацијата“ се наведува во оценката на трудот објавена во монографијата за Музејот на современа уметност во Скопје. Втората награда му припаднала на делото под реден број 38, изработено од архитектката Ева Красинска и инженерот Мацеј Красински. Третонаграден бил проектот под реден број 48, позади којшто стојат архитектот Ежи Венцковски и инженерот Јануш Братек.
*Поранешната Це – Ка на Полската обединета работничка партија во Варшава, изградена по проект на „Варшавските тигри“; Фото: Бојан Блажевски.
„Варшавските тигри“ се познати полски архитекти и автори на дела коишто до денешен ден ги красат полските градови. Едно од нивните најпознати архитектонски творби реализирани во центарот на Варшава е седиштето на Централниот комитет на Полската обединета работничка партија. Во однос на Музејот на современа уметност во Скопје, веќе во март 1968 година била доставена крајната верзија на Проектот за зградата на Музејот на современа уметност во Скопје, изработена од Варшавското биро за проектирање на општо градежништво. Градските власти ги обезбедиле неопходните средства за изградба на музејската зграда и го објавиле повикот до градежните компании. Белото здание на Кале, скопскиот пандан на Акропол, е отворено на 13 ноември 1970 година.
*Авторските дела на трите полски тима што освоиле награди на распишаниот Конкурс за Музејот на современа уметност во Скопје, списание „Архитектура“, 1966 година; Фото: Бојан Блажевски.
Зданието во Скопје е еден од првите музеи на современа уметност изработен од полски автори, којшто со неговата реализација во реалноста, зазема значајно место во националната историја не само на Македонија, туку и на Полска. Нашата земја може да биде горда на фактот што Музејот на современа уметност во Скопје бил прва установа од ваков вид на тлото на Југославија. Во нејзините депоа, само делумно отворени за јавноста преку постојаната изложбена поставка, се сместени околу 5.200 дела од меѓународно признати уметници. Меѓу нив, во 60 – тите години од минатиот век биле донирани и над 200 уметнички дела од 135 автори од Полска, собирајќи ги на едно место некои од најзначајните творби на полската современа уметност. Сите тие се дар за Скопје и неговите жители, во име на меѓународната солидарност кон разрушениот град. Солидарност, којашто од полска перспектива, означувала значајна, континуирана и искрена помош за македонската метропола во период од неколку години по земјотресот. Солидарност, којашто како жители на овој град, не би смеело да ја избришеме од колективната меморија.
(Крај)
Фељтонот за инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е резултат на спроведеното истражување во Република Полска, коешто се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар од Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Авторот Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.