Изработката на т.н. деветта верзија на урбанистичкиот план за централното градско подрачје всушност била поделена на два тима: првиот тим е оформената специјална група под раководство на Војислав Мачкиќ и вториот тим е ад – хок комитетот. Двата тима работеле паралелно на документацијата. Станислав Фурман, како еден од членовите на специјалниот тим предводен од Мачкиќ, ни посочува дека не бил поканет на политички средби. Сепак, тој вели дека гласот на политичарите не би можело да надвладее во однос на искуството коешто го поседувале вклучените архитекти и планери. „Позицијата на сите овие архитекти од Јапонија и од Хрватска беше многу висока и тие не би ги следеле доследно инструкциите на официјалните лица. Тие беа многу познати личности“ ни раскажува Станислав Фурман.
Како и да е, по интензивната тримесечна работа, што се засновала првенствено на меѓусебни интеракции меѓу стручњаците, во февруари 1966 година била претставена т.н. деветта верзија на планот за центарот на Скопје. Била организирана јавна изложба отворена за сите граѓани. Во книгата „Skopje Resurgent“ се наведува дека Градскиот совет по одржувањето на изложбата ја усвоил оваа верзија, но само во принцип. Станислав Фурман ни објаснува дека тоа означувало воглавно согласување со планот, но притоа за него имало и коментари и забелешки. „Постоеја стотици мислења, без униформност – премногу проблеми, премногу мислења, до одреден степен, и премногу конфликтни идеи. Меѓународниот советодавен одбор одлучи, а Градскиот совет се согласи со тоа, да се усвои генералниот концепт во принцип“ потенцира Станислав Фурман.
Веднаш по ваквата одлука, се продолжило кон изработка на урбанистички планови за три сегменти од центарот на Скопје. „Многу е важно да се знае – детален план како еден документ за целата област никогаш не беше подготвен. Тоа беше случај само со концептуалниот план“ вели Станислав Фурман. Три тима на урбанисти и архитекти работеле на деталните урбанистички планови за центарот на Скопје. Кензо Танге и неговото студио како задача го добиле источниот дел од централното градско подрачје, вклучувајќи ја Градската порта и Транспортниот центар. За левиот брег на реката Вардар бил задолжен тимот од Хрватска, предводен од Мишчевиќ и Вензлер. Тимот на „Македонија проект“ ја добил централната улица „Маршал Тито“ и неговата околина.
*Старата скопска чаршија преживеала благодарејќи на мала група ентузијасти; Фото: Архива на „Билд“.
Мациеј Циборовски, но и дел од останатите живи членови од тимот на „Полсервис“, коишто сакаа да останат анонимни, нагласуваат дека Старата скопска чаршија едвај спасила жива глава од целосно разурнување во периодот по земјотресот. За оваа тема подетално веќе е говорено од македонската архитектка Мимоза Несторова – Томиќ. Мациеј, како архитект и син на Адолф Циборовски, посочува дека странските планери во тоа време имале чудна импресија за засраменост на нивните колеги од Македонија од овој дел на градот. Воедно, треба да се земе во предвид фактот дека во Скопје тогаш работеле многу стручњаци од другите делови на Југославија, коишто имале слични размислувања. „Во неколку други југословенски републики, Македонија беше третирана како најсиромашен и најмалку развиен регион во Југославија. Нивниот однос беше несовесен, а исто така гледаа и со презир кон регионот, тие ја третираа локалната ситуација, состојбата и реалноста на тој начин“ вели Мациеј Циборовски.
Во однос на победничкиот концепт на јапонскиот тим предводен од Кензо Танге, архитектот – конзерватор Мациеј Циборовски посочува дека истиот побудил огромен впечаток во споредба со останатите предлози. Самиот дизајн на Кензо Танге вклучувал многу детални модели. „Тој беше прекрасен на конференциската маса, но не беше познато каков впечаток би оставил ако истиот се пренесеше во реалниот живот на Скопје и неговата околина“ посочува Мациеј Циборовски. Многу сличен став до неговиот има и Станислав Фурман, којшто лично ја изнел скепсата кон предлогот на Танге пред Меѓународното жири што одлучувало за конкурсните трудови за централното градско подрачје.
Фурман како сообраќаен инженер бил поприлично скептичен околу концентрацијата на сообраќај во решението на Кензо Танге во однос на Градската порта. „Мегаструктурата ги вклучуваше архитектурата и инфраструктурата во една целина и таа не е функционално интегрирана. На пример, таа е конструкција, во чии рамки еден спрат од објектот е сообраќајница. Ова е многу комплицирана работа. Ова е причината поради која моите критички забелешки беа сериозно земени во предвид од страна на меѓународното жири“ нагласува Станислав Фурман.
Тој додава дека му се допаднала идејата на Кензо Танге за меѓусебна поврзаност на железничката станица, автобуската станица, обиколницата и главната сообраќајница што водела од исток кон центарот на Скопје. Од друга страна, Фурман бил поприлично воздржан во однос на главниот пресек на најзначајните сообраќајници во Скопје, предвиден за да се гради токму на локацијата каде што била планирана и главната концентрација на објекти (Градската порта, финансискиот центар на Скопје итн.). Станислав Фурман вели дека ваквиот концепт бил нашироко вреднуван во ерата на модернистичкото размислување, но погледнато од денешна перспектива, тој единствено би донел значително поголем сообраќај во центарот на Скопје.
Архитектот Мациеј Циборовски додава дека сето она што е сработено во Скопје по земјотресот е резултат на заедничката работа и интеракциите помеѓу стручњаците од Полска, Југославија, Јапонија, Грција и другите земји. „Еден од елементите на полско – грчкиот план беше базичната регулација на железничкиот систем. Оваа основа беше употребена од јапонскиот тим кога тие ја проектираа железничката станица“ го објаснува Циборовски начинот на работа при постземјотресната обнова на Скопје. Станислав Фурман дополнува дека дизајнот на Кензо Танге за Градската порта и Транспортниот центар предизвикале долги расправи и значајни промени со текот на времето. „Кензо Танге инсистираше во еден подолг временски период за лоцирање на железничката станица под земја. Постоеја неколку модификации, но јас не бев инволвиран во сето тоа“ се потсетува Станислав Фурман на моментите од неговиот престој во Скопје.
Меѓу сите тие измени и дополнувања на урбанистичките планови за центарот на Скопје, Фурман посочува дека еден од неговите предлози бил прифатен од Обединетите нации. Станувало збор за сообраќајната мрежа во центарот на Скопје, заснована на концептот на внатрешен ринг (булеварите „ЈНА“, „Кочо Рацин“ и улицата „11 Октомври“). Од денешна перспектива, токму оваа мрежа на сообраќајници е единствената изградена во централното градско подрачје. „Таа не постои во ниту еден труд доставен на Меѓународниот конкурс“ ни раскажува Станислав Фурман.
Мациеј Циборовски дополнува дека голем дел од изградените зданија во центарот на Скопје по земјотресот се производ на творештвото на авангардните југословенски автори. „Македонците, Словенците, Хрватите сакаа да создадат дела уште поимпресивни од оние на Кензо Танге. Но, ова е ваше македонско наследство и секогаш кога ќе ги разгледувате фотографиите од овие згради на форуми и блогови, не треба да им го припишувате нивното авторство на Кензо Танге“ објаснува архитектот Циборовски.
За на крај, занимлив одговор за улогата на Кензо Танге во постземјотресната обнова на Скопје ни даде и полската историчарка на уметност Алицја Гзовска. „Го прочитав описот на проектот на Кензо Танге и тоа е навистина нешто уметничко за мене. Јас го сметам за уметнички утописки план, а не за нешто што може да се имплементира“ нагласува Алицја Гзовска. И покрај сето ова, таа е заинтересирана за карактерот и способностите за преговарање на Кензо Танге, коишто биле многу важни за работењето во една социјалистичка земја. „Во однос на маргинализацијата, она што ме интересира во овој случај е колку Кензо Танге можел да се пронајде во околностите во кои работел“ се запрашува Алицја Гзовска.
(Во наредното продолжение: „Музејот на современа уметност – најскапоцениот дар од Полска за разурнатото Скопје“)
Фељтонот за инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е резултат на спроведеното истражување во Република Полска, коешто се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар од Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Авторот Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.