Претходна статија
Неизвесност околу изградбата на „Чебрен“ и „Галиште“
Следна статија
Стапи на сила новиот возен ред на МЖ за 2018 година

ФЕЉТОН: Планот за центарот на Скопје по земјотресот и Кензо Танге – судир на идеи, мислења и суети (11)

Објавено на 10.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

И по повеќе од пет децении од нејзиното изгласување, изработката на урбанистичката документација за централното градско подрачје на Скопје побудува голем интерес меѓу експертите и граѓаните. Жестоките дискусии во однос на оваа фаза од постземјотресната обнова на Скопје резултираа, меѓу другото, со појава на проектот „Скопје 2014“, во чија почетна реализација се тврдеше дека некој, олицетворен во поранешните државни власти, им го одзел центарот на Скопје од граѓаните, коишто мечтаеле за еден поинаков лик на градот. Иако на оваа тема се зборувало безброј пати, а за неа е објавена релевантна литература од Обединетите нации и од многумина домашни и странски автори, се чини дека е неопходно уште едно образложение за целокупната постапка на изработка на урбанистичката документација за центарот на Скопје.

 

Полскиот инженер Станислав Фурман е еден од последните живи сведоци на изготвувањето на урбанистичката документација за централното градско подрачје по земјотресот од 1963 година. Во својство на некогашен консултант во постапката за изработка на планот за центарот на Скопје, со него низ разговор уште еднаш ќе ја појасниме целокупната постапка. Тој вели дека Меѓународната советодавна група во рамките на Обединетите нации била оформена уште пред зачнувањето на Специјалниот фонд на Обединетите нации за обнова на Скопје. На првиот состанок, одржан на почетокот од 1964 година во Белград и во Скопје, било одлучено да се распише Меѓународен конкурс за урбанистички план за центарот на Скопје. Веќе во јули 1964 година бил оформен Меѓународниот советодавен одбор, којшто во иднина ќе разјасни многу нешта во однос на постземјотресната обнова на Скопје.

 

Една од првите негови одлуки била центарот на Скопје да се вклучи во Специјалниот фонд како независна компонента. Тоа значи дека полско – грчкиот тим при изработката на Генералниот план за град Скопје се соочил со празнина при планирањето, бидејќи центарот на градот бил оставен на архитектите пријавени на Меѓународниот конкурс за изработка на идеен урбанистички план. Идејата била да се усогласи целокупната урбанистичка документација по нивната паралелна изработка.

 

Обединетите нации за прв пат во нивната историја се вклучиле директно во изработката на урбанистички планови за еден град. Следствено на ова, членовите на Меѓународниот советодавен одбор, оформената Меѓународна комисија за распишаниот Конкурс за центарот на Скопје и самите автори на урбанистичката документација претставувале исклучително познати стручњаци од различни научни области. Во договор со југословенските државни власти, македонските државни власти и Градот Скопје, најпрво било одлучено да се формира Меѓународна комисија што ќе ги оценува пристигнатите трудови. Ова жири било предводено од Ернест Вајсман, како претставник на Обединетите нации. Комисијата била составена од девет члена, коишто се транспарентно објавени во книгата „Skopje Resurgent“, издадена од Обединетите нации.

 

Во оваа комисија имало по еден претставник на Меѓународната федерација за домување и планирање, Меѓународната унија на архитекти, Југословенската асоцијација на архитекти и Југословенската федерација на урбанистички планери, тројца претставници на Обединетите нации (меѓу кои е и Адолф Циборовски) и двајца претставници на локалните власти. Рапортер на комисијата бил урбанистот Љубе Пота, додека во тимот биле вклучени и шест консултанти од Полска и од Југославија. Меѓу нив бил и инженерот Станислав Фурман, којшто бил ангажиран во делот на транспортот. Самиот меѓународен конкурс бил под покровителство на Меѓународната унија на архитекти. Од неа била преземена целокупната постапка употребена во овој натпревар, заснована на претходното искуство и строгите прописи на самата унија коишто важат при вакви конкурси. „Специјалниот фонд на ОН и Владата на Југославија ги усвоија стандардните прописи за меѓународни конкурси за архитектура и урбанистичко планирање, што беа препорачани од УНЕСКО. Значи, до одреден степен, УНЕСКО беше покровител на овој натпревар“ ни раскажува Станислав Фурман низ разговорот реализиран во Варшава.

 

Со одобрение на Меѓународниот советодавен одбор, формираната комисија го распишала Меѓународниот конкурс за изработка на идеен урбанистички план за централното градско подрачје на Скопје, повикувајќи четири југословенски и четири странски еминентни тимови да учествуваат на натпреварот. Од Македонија бил поканет тимот на „Македонија проект“ предводен од архитект Славко Брезоски, од Словенија тимот предводен од Едвард Равникар, од Србија тимот предводен од Александар Ѓорѓевиќ од Институтот за урбанистичко планирање во Белград и тимот од хрватскиот Институт за урбанистичко планирање предводен од Радован Мишчевиќ и Федор Вензлер. Од странство биле поканети да учествуваат на Конкурсот следниве познати студија: Ван дер Брук и Бакема од Ротердам, Луиџи Пицинато и студио „Сцимеми“ од Рим, Морис Ротивал од Њујорк и Кензо Танге од Токио.

 

По назначувањето на жирито, неопходно било да се подготви краток текст што ги вклучува основните правила на овој конкурс, коишто биле преземени од Меѓународната унија на архитекти. Самиот текст го подготвил Адолф Циборовски, во име на организаторите на конкурсот – Специјалниот фонд на Обединетите нации и Владата на Југославија. „Важно е да се има предвид дека условите на тој натпревар јасно наведоа дека Обединетите нации и Владата на Југославија не очекуваат решение што може директно да се искористи како основа за проектирање и изградба“ нагласува Станислав Фурман, како еден од инволвираните стручњаци во овој конкурс. Врвните архитекти од Југославија и од странство било замислено да излезат со различни идеи, коишто како резултат на тој креативен натпревар, би можело да се искористат при натамошната изработка на урбанистичката документација за центарот на Скопје.

 

Во објавениот Конкурс било наведено дека финалниот план ќе биде изработен од Институтот за урбанистичко планирање и архитектура на Скопје. „Значи, никој не очекуваше дека првата или втората награда ќе бидат основа за развој и изградба. Тоа беше исклучено од самиот почеток“ посочува Станислав Фурман. Се разбира, поднесените идеи на Меѓународниот конкурс било замислено да се употребат во следната фаза на проектирање. Осумте архитектонски тима во периодот од 15 март до 31 мај 1965 година работеле на нивните предлози. Меѓународната комисија започна со евалуација на пристигнатите трудови на 12 јуни. „Ми треба овој датум за да покажам колку малку време имаше на располагање. На пример, планот за Скопје – подготвен за една година. Во Варшава, шест или седум години беа потребно само за еден дел од градот, така што ова беше огромен притисок на времето“ објаснува Станислав Фурман.

 

Кон крајот на јуни 1965 година била донесена конечната одлука во однос на Меѓународниот конкурс за централното градско подрачје. Како што и било наведено во повикот, жирито одлучило дека ниту еден труд не би можел сам да се избере како основа за понатамошно планирање. За секој од пристигнатите осум труда биле истакнати позитивните и негативните страни, што се транспарентно објавени во книгата „Skopje Resurgent“ на Обединетите нации. По спроведувањето на целокупната постапка, комисијата одлучила да се подели наградата во износ од 20.000 долари. Две – третини од наградата му припаднала на тимот од Јапонија, на чело со Кензо Танге и една – третина од наградата отишла кај тимот од Хрватска, предводен од Мишчевиќ и Вензлер. „Овде, ние влеговме во многу тежок период. Тоа беше есента 1965 година, постоеше голем притисок од општеството и од владата, како од федералната, така и од републичката, тие сакаа да знаат каде и што може да се гради во центарот на Скопје“ ни раскажува Станислав Фурман.

 

*Проектот на Кензо Танге – на фотографијата се прикажани Градската порта со плоштадот Република и сегменти од Градскиот ѕид, во позадина е финансискиот и економски центар со Транспортниот центар; Фото: Осаму Мураи; Обработка на фото: Бојан Блажевски.

 

По ваквиот притисок, градските власти му наредиле на Институтот за урбанистичко планирање и архитектура најдоцна до јануари 1966 година да ги определи локациите на најзначајните објекти од јавен карактер во центарот на Скопје. Воедно, градските власти побарале до јуни 1966 година да биде целосно изработен Деталниот урбанистички план за центарот на Скопје. По оваа одлука, од самиот Институт сфатиле дека нема да можат сами да го изработат планот, по што тие го формирале специјалниот тим, под раководство на Војислав Мачкиќ, и тоа откако добиле препорака за овој чекор од Меѓународниот советодавен одбор на ОН. Во оваа група биле вклучени Арата Исозаки, Јошио Танигучи и Садао Ватанабе како претставници на тимот на Кензо Танге, хрватскиот Институт за урбанистичко планирање бил претставен од Радован Мишчевиќ и Феодор Вензлер, при што во овој тим бил вклучен и Станислав Фурман.

 

Нашиот соговорник од некогашниот тим на „Полсервис“ ни раскажува дека се појавил проблем при изработката на т.н. деветта верзија на планот за центарот на Скопје. Имено, оваа документација требало да ги опфати заклучоците на Меѓународното жири во однос на сите предлози од Конкурсот, препораките на Меѓународниот советодавен одбор и ефектите од веќе изготвениот Генерален план за град Скопје. Тоа било еден нов свет, поразличен од сето она што било изнесено како општи правила при распишувањето на Меѓународниот конкурс. Градскиот совет формирал и ад – хок комитет, којшто се состанувал на дневно ниво. Во овој комитет биле вклучени членови од Градскиот совет на Скопје, водечки политичари од тогашниот период, Адолф Циборовски, Станислав Јанковски, Љубе Пота, Ристо Галиќ, а во многу случаи, на состаноците на овој ад – хок комитет присуствувал и самиот Кензо Танге.

 

 

(Во наредното продолжение: „Детален урбанистички план за целиот центар на Скопје никогаш не се изработил по земјотресот“)

 

 

Фељтонот за инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е резултат на спроведеното истражување во Република Полска, коешто се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар од Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Авторот Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.