Уште еден пионерски подвиг во рамки на постземјотресната обнова на Скопје е изработката на првото социолошко истражување во Македонија, во чии рамки е спроведена анкета и длабински интервјуа со жителите на разурнатиот град. Овие студии се изработени за потребите на урбанистичката документација, на којашто работеле неколку тимови. За прв пат во историјата на нашата земја, гласот на граѓаните за натамошниот развој на нивниот град се слушнал преку спроведувањето на анкетно истражување и длабински интервјуа со жителите на Скопје.
Со социологот Збигњев Суфин се сретнавме изминатово лето во Варшава. Тој е еден од ретките членови на полскиот тим што не доаѓа од Одделението за урбанизам на Варшава, туку од Полската академија на науките. Бил вклучен во изработката на социолошкото истражување по скопскиот земјотрес, а од реализираниот разговор произлезе договорот за подготовка на текст од негова страна што ќе биде посветен на неколку теми поврзани со Скопје. Воедно, социологот Збигњев Суфин во далечната 1967 година го подготвил трудот „Социолошка студија“, објавен во полското списание „Мјасто“.
„Социолошките студии се изработени во контекст на работата на Генералниот план за Скопје. Нивната цел беше да се осознаат условите за живот на локалното население, ситуацијата со економската состојба на семејствата, локалните услови за вработување, услуги, комуникација итн. Бараните информации за социјалната средина беше предвидено да се искористат за дефинирање на урбаната средина и определување на начините на коишто таа би можела да биде реализирана“ наведува Збигњев Суфин во трудот публикуван во списанието „Мјасто“ од 1967 година.
Подготовката на социолошкото истражување била доверена на фирмата „Полсервис“, додека самиот тим бил составен од искусни стручњаци од Полска и од Југославија. Четиричлениот тим од Полска бил предводен од Зигмунт Пиуро од Институтот за урбанистика и архитектура од Варшава, заедно со социолозите и статистичарите Андржеј Лушњевич, Божидар Жад – Горнички и Збигњев Суфин од Одделот за социологија при Полската академија на науките. Зборот „тешки“ е преблаг за суштинско опишување на условите за работа со коишто се соочиле овие полски стручњаци при подготовката на социолошките студии по земјотресот.
Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје бил формиран по изработката на анкетните истражувања и длабинските интервјуа. Пред неговото основање, во СР Македонија никогаш претходно не било реализирано едно вакво истражување, така што било неопходно да се регрутира и тренира група од 80 анкетари, коишто биле студенти запишани на различни факултети на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Дури по овој подвиг, во македонскиот главен град е оформен соодветен институт за спроведување на ваквите емпириски истражувања. „Реализацијата на истражувањето беше тешка, но мора да се нагласи дека односот на општеството кон истражувањето беше неверојатно пријателски“ нагласува Збигњев Суфин во неговиот труд.
Според објаснувањето на сообраќајниот инженер Станислав Фурман, изготвувањето на социолошките студии било од извонредно значење за урбанистите при подготовката на неопходната документација за разурнатиот град. На пример, Мациеј Циборовски, архитект и син на покојниот Адолф Циборовски, потврдува дека постоеле дилеми околу натамошниот развој на Старата турска чаршија и околниот простор на стариот град. Оттука, добиеното мислење од самите жители на Скопје им било од големо значење на стручњаците при донесувањето на идните одлуки во однос на урбанистичката документација. „Скопскиот пазар најбрзо се опорави по земјотресот. Неговото функционирање, за нас, социолозите, беше едно од најзначајните извори за осознавање на проблемите на жителите, исто како и на проблемите со раселувањето на луѓето поврзани со обновата на градот“ посочува Збигњев Суфин.
Утврдувањето на преференциите на жителите на Скопје, во однос на тоа дали сакаат да живеат во индивидуални куќи или во колективни згради, имало значајно влијание при планирањето на идните скопски населби. „Првичната цел на тимот за социолошката студија беше да спроведе сеопфатно истражување на постојните услови, на ставовите за нив од страна на луѓето коишто таму живеат и на можностите за задоволување на овие потреби и аспирации, а со тоа и да го предвидат однесувањето коешто би се очекувало од нив во новите услови што ќе се создадат со имплементацијата на Генералниот план“ е наведено во објаснувањето публикувано во книгата „Skopje Resurgent“ на Обединетите нации.
Социологот Збигњев Суфин посочува дека во анкетното истражување биле вклучени 3.602 домаќинства од вкупната популација – повеќе од 48.000 домаќинства населени во главниот град. Воедно, длабинските интервјуа во 100 домаќинства биле спроведени врз основа на избор на соодветна пропорција на семејства од оние што биле вклучени во анкетата. Самата структура на прашалниците ги покривала најзначајните теми за коишто се барале соодветни одговори од жителите на Скопје. Треба да се укаже на фактот дека при реализацијата на истражувањето исто така биле направени длабински интервјуа со претставници на институциите и на локалните организации во Скопје.
*Приказ на социолошките студии објавен во полското стручно списание „Мјасто“ од авторот Збигњев Суфин, 1967 година; Фото, обработка: Бојан Блажевски.
Најценетиот дел од реализираното социолошко истражување била соработката помеѓу социолозите, урбанистите и економистите. Тие учеле едни од други при спроведувањето на теренското истражување. „Урбанистите одеа заедно со анкетарите до жителите, благодарејќи на тоа можеа подобро да го запознаат местото и неговите жители“ се присетува социологот Збигњев Суфин. Резултатите од емпириското истражување ги прикажале идентичните проблеми за коишто се стравувало уште пред почетокот на социолошкото истражување. Религиозните, етничките, економските, образовните и социјалните разлики меѓу скопското население биле огромни и тешко премостливи.
„Тежок проблем во Скопје е постоењето на голем број домаќинства со најниски приходи и живеење во услови на економска стагнација“ заклучува Суфин во стручниот труд објавен пред точно пет децении. „Од 3.600 испитаници, 2.885 дошле во Скопје од другите населени места, при што 56% од нив живееле на село претходно. Помеѓу луѓето коишто доаѓаат од село има далеку поголем број лица без никакво образование“ се наведува во социолошката студија. Притоа, во неа се поентира со следниве резултати: „Од 3.600 анкетирани лица од семејствата вклучени во истражувањето, 1.033 лица се сметаат за неквалификувани работници, при што 46% од нив не планираат да се стекнат со квалификации“.
Приливот на селаните од руралните населби во Скопје ја отежнувал севкупната состојба во градот. Селаните тешко го менувале својот начин на живеење, вклучувајќи го тука и работењето на лично професионално усовршување. „Помеѓу останатото, истражувањата покажаа дека некои од мигрантите од село го подобриле својот живот со самиот факт што се преселиле во Скопје и не се заинтересирани за стекнување професионални квалификации“ нагласува Збигњев Суфин. Тој додава дека миграцијата кон Скопје имала фамилијарен карактер, со што уште повеќе се стимулирале поконзервативни ставови за приврзаноста кон семејството и соседството. Најголемиот проблем воочен од социолозите бил образовниот статус на новите жители на Скопје. „Напливот во градот на неквалификувана работна сила создава значајни економски и општествени проблеми“ предупредува Збигњев Суфин.
Веднаш по земјотресот, во Скопје започнала непланската изградба на супстандардни домови од лим и дрво. Тие најбрзо се граделе, а со планираната обнова на градот морало да бидат срушени. Нивните жители требало да се преселат од центарот на Скопје во неговите предградија. „Но, дали луѓето без образование и квалификации, без постојани приходи, лица кои до тој момент живееле во супстандардни услови, ќе сакаат да живеат во подобри домови што се далеку од центарот и од пазарот што е извор на нивната егзистенција“ се прашува Збигњев Суфин. Тој го дава и одговорот на ова прашање од сеќавањето за едно од интервјуираните лица. „Таткото на единаесетчлено семејство, кое целото беше заседнало во една соба од новиот четирисобен апартман, речиси со плачење ни се жалеше за тоа како не би можеле да живеат таму. Тие немале пари за да патуваат до центарот, односно до пазарот каде што би можеле нешто да заработат“ се присетува социологот Збигњев Суфин.
Паралелно со економските, социјалните и образовните разлики што ги предизвикувала миграцијата од село во град, многу сериозен проблем биле религиозните и етничките разлики помеѓу староседелците во Скопје. Албанците, Турците и Ромите ги предводеле домаќинствата со многудетни семејства, коишто, со повеќе од шест члена во семејството, се наоѓале и во најлоша материјална состојба. Иако голем дел од нив живееле во супстандардни услови околу центарот на Скопје, тие не се залагале за подобар дом. „Повеќето Турци, Албанци и Роми беа натрупани во руинирани живеалишта од една или две соби, со просек од 7 метри квадратни корисна површина по човек, без посебна кујна или тоалет и без водоводна или канализациона мрежа; сепак Одделот за социолошко истражување откри дека тие воопшто не се незадоволни од условите за домување“ е наведено во книгата „Skopje Resurgent“.
Припадниците на помалите етнички заедници сакале да останат на идентичните локации каде што и претходно живееле. Можноста за живот во добро опремени станови во висококатници не им се допаднала како предлог. Социологот Збигњев Суфин нагласува дека постојат неколку причини за ваквите мислења на жителите од овие заедници. Како прво, се појавило чувството за поврзаност со етничката или националната група што веќе постоела во соседствата. Важна причина била близината на религиозните светилишта до традиционалните домови на муслиманското население. Истовремено, близината на нивните трошни домови до центарот на Скопје била извор на приходи за нивните семејства, така што ова претставувало уште една пречка за промена на нивните живеалишта.
„Желбата да се промени местото на живеење се јавува најсилно кај македонските семејства, а значително помалку кај турските и албанските семејства. Иако вториве имаат домови со понизок стандард, тие помалку се желни да го променат нивниот дом во споредба со другите“ се вели во објавениот труд на Збигњев Суфин. Како не помалку значајно, жителите на Скопје како приоритет го поставиле решавањето на проблемот со домувањето. Иако југословенските власти успеале да ги елиминираат шаторските населби уште во првите месеци по земјотресот, огромен дел од населението живеело во монтажни бараки и останати привремени домови. Желбата за изградба на нов дом била јасно изразена во одговорот на анкетното прашање: „Ако вашите приходи пораснат драматично, на што попрво би ги потрошиле?“ Над 70% од анкетираните скопјани изјавиле дека приоритет се различните потреби за дом.
„Анкетирањето на семејствата и институциите за широк опсег на факти и мислења беше надополнето со опсервации на општественото однесување и внимателно проучување на процесите на локално самоуправување“ е наведено во книгата „Skopje Resurgent“ во однос на методологијата на работа на самите истражувачи. По неколкумесечната активност на терен, следувала подготовката на социолошката студија. Изработката на ова емпириско истражување имала големо влијание врз урбанистите и официјалните власти, коишто играле клучна улога во подготовката на Генералниот урбанистички план за град Скопје. Следствено на ова, социолошкото истражување добило на значење при натамошните активности на официјалните власти, коишто ги донесувале одлуките за рушење и изградба на нови населби, идентично како и решенијата за зачувување на постојниот лик на одредени делови од Скопје.
И по пет децении од престојот во Скопје, Збигњев Суфин вели дека со помош на Интернетот може лесно да се присети на темпераментот на Бит – пазар и на Старата скопска чаршија. „Според мене, токму тука можеш да ги забележиш, исто како и претходно, сите општествени разлики на скопското население“ вели тој. За зближувањето на културите и на луѓето, неопходно е да постои љубопитност и отвореност кон другоста од страна на самите граѓани. „Чесно е да се каже дека приближувањето на културите е погодно за приближување на луѓето. Ако во мултиетничко општество е можно секоја група во секојдневниот живот да ги задоволи своите потреби во согласност со нивниот начин на живот, тогаш коегзистенцијата помеѓу етничките групи е поверојатна“ нагласува Збигњев Суфин. „Чаршијата беше просторот за блиски контакти на луѓето од различни групи“ заклучува тој во подготвениот текст.
(Во наредното продолжение: „Планот за центарот на Скопје по земјотресот и Кензо Танге – судир на идеи, мислења и суети“)
Фељтонот за инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е резултат на спроведеното истражување во Република Полска, коешто се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар од Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Авторот Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.