Претходна статија
РЕПОРТАЖА: Изградбата на метрото во Варшава - во чекор со независноста на Полска
Следна статија
Проектот „Нада“ на Јасмина Цибиќ од 23 ноември ќе гостува во Чифте амам

ФЕЉТОН: Планот за приградската зона на Скопје – основа за рамномерен развој на главниот град (8)

Објавено на 19.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

По изгласувањето на Генералниот урбанистички план на град Скопје и оформувањето на најважните постулати за натамошен развој на Скопскиот регион, полските урбанисти ги здружиле своите сили со овдешните професионалци во изработката на планот за приградската зона на Скопје. Осмата задача од постземјотресното планирање на Скопје, како што е наведено во книгата „Skopje Resurgent“, не била составен дел од првичната програма за работа, со којашто се распределиле обврските меѓу ангажираните тимови. Руралното подрачје на Скопје подоцна се појавило како актуелна тема зададена на конференциската маса на Меѓународниот советодавен одбор на Обединетите нации (ОН).

 

Планот за приградската зона на Скопје го подготвил мешовит тим од Полска и од Југославија. Осумчлениот тим од Југославија бил предводен од архитектите Благоја Колев и Никола Карташев, додека стручњаците од Полска биле вкупно шест на број, на чело со Јулиуш Вилски. Токму овој искусен архитект од повоената обнова на Варшава ја елаборира работата на својот тим во стручниот труд „Планот за приградската зона“, објавен во полското списание „Мјасто“ од 1967 година. Вилски нагласува дека потребата за изготвување на Планот за приградската зона, заедно со Координациониот план за индустриската област, се производ на препораките зададени од Петтата сесија на Советодавниот одбор на ОН одржана во ноември 1965 година.

 

„Со оглед на ограничениот број на индивидуи доделени за работа од Обединетите нации во рамките на секој месец, тимот беше формиран на тој начин што секој од делегираните лица во Скопје работеше истовремено на двете теми“ истакнува Јулиуш Вилски. Низ разговорот што го водевме во Варшава, Станислав Фурман, како еден од членовите на овој тим, ни посочи дека изработката на планот за руралниот дел околу Скопје била последната задача доделена на тимот на „Полсервис“. Тој бил вклучен во неговата подготовка во периодот од јануари до јуни 1966 година. „Ние сакавме да дејствуваме во името на солидарноста меѓу луѓето од Скопје и од приградската зона на начин што сакавме да постигнеме социјална, просторна и економска кохезија, исто како и политиката на Европската унија денес“ вели Станислав Фурман.

 

Овој полски експерт посочува дека огромниот прилив на население во Скопје по земјотресот не бил единствениот проблем согледан од нивна страна. „Вие не можете да ја исклучите можноста од нов земјотрес, така што концентрацијата на економскиот потенцијал и на населението на едно место би довело до драматични резултати. Ние префериравме една таква просторна политика што би ги активирала локалните ресурси и човековиот капитал на населението надвор од Скопје, коешто живее во деловите околу градот“ посочува Станислав Фурман.

 

Еден од главните предлози за околијата на Скопје бил формирањето мали претпријатија во доменот на земјоделството, коишто би го направиле поефективно тамошното производство. Промоцијата на околните градови (Куманово, Тетово и Велес) била вклучена во предлозите на полскиот тим, при што низ соработка со југословенските колеги се разгледала опцијата Велес да биде додаден во рамките на приградската зона на Скопје. Самиот главен град, објаснува Фурман, требало да ги вклучи двете најоддалечени точки – населбите Дексион на запад и Драчево на исток, но не повеќе од тоа. „Во тоа време, индустријализацијата беше основа за урбаниот развој. Не сакам да го коментирам планот од денешна перспектива, бидејќи ние денес живееме во тотално различен свет“ порачува Станислав Фурман.

 

Архитектот Јулиуш Вилски во објавениот труд од 1967 година нагласува дека проектниот развоен план за приградската област бил изработен за три засегнати групи – потребите на градот (исполнети во градската зона), потребите на приградската зона (исполнети во приградската зона) и потребите на приградската зона (исполнети во градот). Задачата на самиот план била да ги организира функциите што кореспондираат на овие три групи. Вилски посочува дека приградската зона на Скопје би опфаќала околу 110.000 жители во периодот до 1981 година. Дури 54% од населението се занимавало со земјоделство.

 

*Мапа на приградската зона на Скопје објавена во трудот на Јулиуш Вилски, списание „Мјасто“, 1967 година; Фото, обработка: Бојан Блажевски.

 

Планот за приградската зона на Скопје бил заснован на веќе изработената урбанистичка документација за Скопскиот регион и за самиот град. Иако се акцентирал посилниот развој на околните градови, во Регионалниот план за град Скопје не се препорачувало основање на сателитски градови околу метрополата. Од урбанистите бил земен во предвид фактот дека постоела мрежа на села за производство и услуги, но се јавила и потребата за создавање на мрежа на земјоделски градови. Полскиот тим, во соработка со југословенските колеги, ја поделиле приградската зона на Скопје на четири микро реони, секој составен од 10 до 15 модуларни единици, со бројка на жители којашто варирала од 20.000 до 25.000.

 

„Потребата од четири региони произлезе од географскиот терен и комуникациските можности, а исто така и од организациски причини (оптимално население опслужено од земјоделски град изнесува 20.000 жители). Условите на теренот и комуникацијата не дозволија вклучување на неколку функционални елементи во овие модуларни единици. Два нецелосни микро реони беа формирани од нив како директно потчинети под Скопје“ образложува Јулиуш Вилски во стручниот труд „Планот за приградската зона“. Како што веќе нагласивме, заедно со осовременувањето на земјоделското производство, експертите од Полска предложиле и развој на руралниот туризам, како една од можностите за отворање на нови работни места и зголемување на атрактивноста за живеење во приградската зона на Скопје.

 

Уште еден значаен сегмент од развојот на Планот за приградската зона на Скопје бил транспортот. Сообраќајниот инженер Станислав Фурман посочува дека се обиделе да создадат услови за постепена еволуција на транспортниот систем во согласност со потребите на граѓаните и промените во транспортната технологија. Признава дека времињата во кои се работело ја насочувале темата на расправа кон пространи булевари и експресни патишта во самите градови, заедно со развојот на јавен превоз што би ги опслужувал граѓаните од нивните домови до работните места и назад. Денешната филозофија на градовите е изменета – граѓаните сакаат повеќе зеленило и помалку сообраќај во населените места, а многу од нив го користат велосипедот како средство за превоз до работното место. И покрај сето ова, Станислав Фурман смета дека железничкиот систем во Скопје останал недоволно искористен. Градско – приградската железница би можела да овозможи развој на околината на градот.

 

Полските стручњаци уште во 60 – тите години од минатиот век заклучиле дека мрежата на села во околината на Скопје била деформирана. Адолф Циборовски во 1985 година во пишаниот труд „Скопје 20 години по земјотресот“ ќе предупреди на неконтролираниот развој на индивидуалните домови во источните и во западните краеви од главниот град. Планот за приградската зона на Скопје требало да претставува клуч за решавање на проблемот со непланското градење во околината на градот. „Извештајот „Приградска зона“, одобрен од Градскиот совет и од општинските власти во април 1966 година, обезбеди основа врз која физичкиот развој за првпат можеше да биде меѓусебно планиран низ целата рурална област директно погодена од достапноста на урбаните услуги на Скопје и потребите на нејзините жители“ се наведува во образложението изнесено во „Skopje Resurgent“.

 

Мациеј Циборовски, архитект и син на покојниот Адолф Циборовски, ни укажува дека неговиот татко посветил посебен интерес за откривање на населените места околу Скопје. Честите патувања на целото семејство им овозможиле да се запознаат со овдешната култура, којашто го воодушевувала Циборовски. Запознавањето со селските средини околу главниот град му овозможувала на него пореално да ги согледа потребите на жителите од Скопје. Мациеј Циборовски како дете бил директен сведок на многу од случките што се одвивале помеѓу полските урбанисти во Скопје. Мациеј се сеќава на архитектот Јулиуш Вилски, којшто им рекол на неговите родители: „Ние дојдовме во Македонија. Ние мора да се запознаеме со оваа земја, не ги знаеме овие луѓе“. Токму во рамките на неколкумесечниот престој во метрополата, Јулиуш Вилски ја имал можноста да ја запознае целата околија на Скопје. Сето тоа му помогнало во совладувањето на работните обврски, поаѓајќи од позицијата што ја имал – предводник на тимот на „Полсервис“ задолжен за подготовка на документацијата за приградската зона на Скопје. Како и во однос на сите други задолженија зададени на полскиот тим, Планот за приградската зона на Скопје бил изработен во предвидениот рок.

 

 

(Во наредното продолжение: „Индустрискиот развој – врвен приоритет при проектирањето на Скопје“)

 

 

Фељтонот за инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е резултат на спроведеното истражување во Република Полска, коешто се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар од Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Авторот Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.