Адолф Циборовски, кој како проект менаџер на Обединетите нации ја координирал изработката на Генералниот урбанистички план за град Скопје, е име коешто е неизбришливо сврзано со современиот развој на Скопје. Една од улиците во македонскиот главен град го носи неговото име, славејќи го притоа придонесот што го има дадено овој полски урбанист за развој на разурнатиот град. Заедно со Адолф Циборовски, во рамки на полската инволвираност во постземјотресната обнова на Скопје, учествуваат уште десетици други стручњаци, секој од нив познат и доследно почитуван во денешна Полска.
По повеќе од пет децении од нивната работа во Скопје, во Варшава успеав да пронајдам не повеќе од шест живи учесници во обновата на Скопје, кои денес минуваат низ деветттата и десеттата деценија од нивните животи. Без никаква намера да испуштиме некој од нив, во продолжение следува списокот на полски професионалци коишто учествувале во постземјотресната обнова на Скопје: Адолф Циборовски, Станислав Јанковски, Јулиуш Вилски, Богдан Випорек, Збигњев Галперун, Збигњев Суфин, Станислав Фурман, Тадеуш Михалак, Богдан Јастребски, Марија Редзиејовска, Војчех Сухоржевски, Олгиерд Кунчевич, Казимиерц Марчевски, Марија Ниемчук, Станислав Брониевски, Јануш Циерпински, Зигмунт Пиуро, Анджеј Лушњевич, Божидар Жад-Горнички, Олгиерд Качински, Казимиерц Золотајкин, Зенон Новаковски, Јержи Малониевич, Станислав Волски, Јануш Кроткиевски и Андржеј Лушњевич.
Најголем дел од овие архитекти, урбанисти, социолози, економисти, статистичари и стручњаци од другите професии не се меѓу живите денес. Низ интервјуата со малкутемина креатори на постземјотресно Скопје успеавме да се потсетиме и на останатите членови на полскиот тим, коишто учествувале во подготовката на урбанистичката документација за разурнатиот град. Авторитетот на Адолф Циборовски, но и на Станислав Јанковски, не избледнува и во денешните спомени на овие стручњаци за нивниот неколкумесечен престој во Скопје. Под псевдонимот „Агатон“, Станислав Јанковски бил предводник на полскиот тим определен од Обединетите нации за изработка на Генералниот план за град Скопје по земјотресот.
Станислав Јанковски по Втората светска војна зазема значајна улога во повоената обнова на полската метропола. Во септември 1946 година, Јанковски се вработува во Бирото за повоена обнова на Варшава, при што својата професионална кариера во наредните три децении ќе ја посвети на реконструкцијата и развојот на Варшава. Откако Адолф Циборовски е назначен за проект менаџер на Обединетите нации во Скопје, раководното место во Бирото за урбанистичко планирање на Варшава го презема Станислав Јанковски. Збигњев Галперун, како еден од сѐ уште живите членови на полскиот тим испратен во Скопје, до денешен ден со голема почит се сеќава на неговиот колега со прекарот „Агатон“.
Јанковски за време на Втората светска војна работел за Владата на Полска во егзил, која била стационирана во Лондон. Прекарот „Агатон“ го добил поради стручноста во фалсификувањето германски документи. Беспрекорноста во изработката на лажна документација многу им помогнала на полските офицери, коишто биле испратени на тајни мисии низ Европа. По завршувањето на Втората светска војна, Варшава била разрушена од нацистите. Токму поради својата умешност да создава документи верни на оригиналот, Станислав Јанковски се прославил за време на повоената обнова на полскиот главен град.
„Јанковски беше перфекционист, документите што беа направени од него и од неговиот тим беше невозможно да се препознаат од германските офицери. Тој беше многу горд кога разбра дека неговите документи употребени во Париз завршиле одлична работа. Јанковски беше многу ангажиран и тој го посвети целиот свој живот на работата за урбанистичко планирање и на Градот Варшава“ се присетува Збигњев Галперун. И до денешен ден, тој е особено горд и почестен што самиот Станислав Јанковски, во својство на раководител на тимот, го избрал да учествува во урбанистичкото планирање на Скопје по катастрофалниот земјотрес. Галперун не заборава да дополни дека Градот Скопје му се заблагодарил на целиот полски тим за учеството во обновата на метрополата, со тоа што го прогласил Станислав Јанковски за почесен граѓанин на Скопје.
*Збигњев Галперун, еден од живите творци на урбанистичката документација за Скопје по земјотресот; Фото: Бојан Блажевски.
Покрај Станислав Јанковски, уште еден член од полскиот тим пристигнал во Скопје со веќе стекнато големо искуство од повоената обнова на Варшава. Архитектот и конзерватор Мациеј Циборовски појаснува дека Јулиуш Вилски бил главен планер во периодот на повоената обнова на Варшава. Уште во првите месеци по земјотресот, архитектот Јулиуш Вилски бил вклучен во тимот „Скопје“, којшто ја изработил концептуалната студија за идниот Генерален план за град Скопје. Откако „Полсервис“ бил избран за контрактор во изработката на урбанистичката документација, Вилски бил вклучен во тимот одговорен за подготовка на Генералниот урбанистички план за град Скопје.
Мирјана Лозаноска од Деакин Универзитетот од Австралија во нејзиниот труд „Performing equality: The exceptional story of Mimoza Nestorova – Tomić in the post – 1963 earthquake reconstruction of Skopje“ пренесува неколку значајни сегменти од разговорот со познатата македонска архитектка Мимоза Несторова – Томиќ. Токму таа посочува дека Турската чаршија во 1964 година била пред целосно разурнување од булдожерите, и тоа во моментите кога многу архитекти и историчари од Скопје немале емпатија за историската важност на ова старо место. Ристо Галиќ и Тихомир Арсовски, како водечки дејци од Институтот за урбанизам, морале да бидат физички присутни за да го спречат рушењето на срцето на градот.
„Уште еден млад архитект во тимот на „Полсервис“, Јулиуш Вилски, којшто работел заедно со Мимоза Несторова – Томиќ, предложил да се избегне уривање. Адолф Циборовски ја поддржал идејата“ пишува Мирјана Лозановска. Всушност, Старата скопска чаршија е спасена благодарејќи на силната реакција на мал број архитекти, меѓу кои биле и полските стручњаци. Искуството од повоената обнова на Варшава во делот на Стариот град несомнено имала пресудно значење за реакцијата што следувала, најпрво од самиот Јулиуш Вилски, а потоа и од Адолф Циборовски. Идентично како и со Варшава по Втората светска војна, старото градско јадро на Скопје е обновено по земјотресот.
Адолф Циборовски, во својство на проект менаџер на Обединетите нации, и Станислав Јанковски, како раководител на полскиот тим во Скопје, имале одлична меѓусебна соработка во периодот на изработката на урбанистичката документација. За време на нивниот престој во Скопје, работната атмосфера од проектирањето ја пренеле и во нивните домови. „Од она што можев да видам, земајќи го во предвид фактот дека некои средби се одвиваа во нашиот дом, сите овие архитекти и урбанисти го третираа мојот татко како нивен архитект. Тие дискутираа за повеќето нивни проблеми со него“ се присетува Мациеј Циборовски, син на Адолф Циборовски.
*Мациеј Циборовски, синот на Адолф Циборовски, архитект и конзерватор по професија; Фото: Бојан Блажевски.
Покрај Циборовски и Јанковски, останатите членови на полскиот тим стекнале огромно искуство при работењето со другите колеги од Јапонија, САД, Југославија и Грција. Нивните знаења од Скопје продолжиле да ги применуваат во претстојните полски мисии што биле испраќани во земјите од т.н. Трет свет, каде што многу од полските стручњаци се прославиле со своите дела. Во периодот од двете децении што следувале, експертите најпрво го пренеле своето знаење во странство, но по длабоката криза со која се соочила Полска во 80 – тите години од дваесеттиот век, токму овие стручњаци се враќаат во Полска со врвни технолошки знаења, што ќе ги применат при проектирањето на постмодернистичките објекти по распадот на Источниот блок.
Лукаш Станек во публикацијата „Postmodernism is almost all right: Polish architecture after Socialist Globalization“ нагласува дека искуството стекнато надвор од Полска на многу архитекти и урбанисти им овозможило да проектираат значајни архитектонски дела во периодот по падот на комунизмот во 1989 година. „Работата во Алжир, Ирак, Кувајт, Либија, Сирија и Обединетите Арапски Емирати им овозможи на професионалците од Полска да се запознаат не само со напредните технологии, материјали и функционални програми, туку и со постмодернизмот како нов мејнстрим во архитектонската пракса и дискурс“ нагласува Станек.
„За време на изградбата на библиотеката во Дамаск, ние ќе се запознаеме со технологиите што ќе влезат во Полска дури 20 години подоцна, како што е модерната климатизација, алуминиумските системи и изолирачкото стакло“ се нагласува во цитатот на архитект Марек Дуниковски во објавениот труд на Лукаш Станек. Токму овие архитекти во текот на 90 – тите години од дваесеттиот век ќе ги проектираат постмодерните зданија, како што се: Галериа Доминиканска во Вроцлав и комплексот Атриум во Варшава. Генерално земено, полската професионална фела во периодот од три децении ќе успее најпрво да се пробие на меѓународната сцена, од каде што потоа ќе го црпи неопходното искуство за изведба на познатите архитектонски творби по падот на комунизмот од 1989 година.
Во случајот на Скопје, искуството на Полјаците со урбанистичкото планирање на градот е огромно. Во соработка со грчкиот тим на „Доксијадис“ и со југословенските колеги, тимот на „Полсервис“ учествува во изработката на Генералниот план за град Скопје, Регионалниот план за град Скопје, социолошкото истражување, како и урбанистичката документација за приградската зона и за источната индустриска зона. Адолф Циборовски бил член на жирито, што ги вреднувало пристигнатите трудови на распишаниот Меѓународен конкурс за централното градско подрачје. Во рамките на овој конкурс, Станислав Фурман бил ангажиран како консултант за сообраќај. Во соработка со стручњаците од Југославија, полскиот тим ги има изработено најголем дел од задолженијата што произлегле од зададените задачи на Обединетите нации за подготовка на урбанистичката документација за Скопје. Сите овие документи се подготвени од неколку тима, и тоа во неколку фази во периодот од 1964 до 1966 година. Без никакво сомнение, вложениот труд во Генералниот урбанистички план за град Скопје има најголемо значење за натамошниот развој на македонската метропола во децениите што следуваат.
(Во наредното продолжение: „Генералниот план за град Скопје во 1981 година – град со максимум 350.000 жители“)
Фељтонот за инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е резултат на спроведеното истражување во Република Полска, коешто се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар од Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Авторот Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.