Чувството за солидарност на полскиот народ кон граѓаните на разурнатото Скопје било зачинето со вообичаената пропаганда на комунистичката власт во НР Полска. Историчарката на уметност Алицја Гзовска вели дека „социјалистичката емпатија“ како дискурс е дел од пропагандистичката шема на власта во 60 – тите години од дваесеттиот век, кога „нашата солидарност“ во државно контролираните медиуми била прикажувана како целосна спротивност од „нивната капиталистичка алчност“, мислејќи притоа на било каква иницијатива што доаѓала од земјите од Западна Европа и од САД. Приказната за неоколонијализмот и империјализмот како закана за неврзаните земји била уште еден составен дел од пропагандната шема.
„Пропагандата во тоа време беше многу важна и ова е причината поради којашто тие (н.з. властите) мораа да оформат некаков вид на наратив што би ги разликувал нив од „расипаниот“ Запад – дури и кога намерите понекогаш беа слични. Се разбира, овој концепт за „социјалистичка емпатија“ не беше многу јасен“ посочува Алицја Гзовска. За полските власти било особено значајно во ерата на Студената војна да се биде присутен во странство, особено во делот на извозот на технологија и на стручен труд во земјите од т.н. Трет свет. Притоа, големо значење имало прикажувањето на себеси како модерна земја, којашто е способна да модернизира и некој друг.
Оттука, полската инволвираност во постземјотресната обнова на Скопје не може да ја исклучи опцијата дека самата државна власт од тоа време сакала да го посочи пред југословенската јавност достигнатиот степен на развиеност на НР Полска. Југославија во тој период била земја од комунистичкиот свет со најшироко отворени врати кон Западниот блок. Сепак, вткајувањето на помошта за Скопје во државната пропаганда е чин што би бил првенствено насочен кон влијание за внатрешно политичките состојби во Полска.
Но, кога се говори за периодот од 60 – тите години на минатиот век, неизоставно е да се спомене и финансискиот аспект на мисиите во странство, во кои, меѓу другото, биле вклучени полските урбанисти. НР Полска, заедно со останатите социјалистички земји, во 50 – тите и во 60 – тите години од минатиот век започнале со формирање на државни извозни претпријатија, кои во децениите што следуваат до распадот на Источниот блок ќе работат на огромни градителски проекти, првенствено во земјите од т.н. Трет свет.
Основана од полската држава во 1961 година, „Полсервис“ била една од „централните агенции за трговија со странство“. Лукаш Станек во неговиот труд „Miastoprojekt goes abroad: the transfer of architectural labor from socialist Poland to Iraq (1958 – 1989)“ посочува дека сите меѓународни трговски контакти на полските компании со земјите од странство биле менаџирани од ваквите извозни претпријатија. „Полсервис“ била насочена кон извоз на стручна работа сила и технологија во странските земји. Токму ова полско претпријатие било ангажирано од Обединетите нации во постземјотресната обнова на Скопје.
Полскиот тим, којшто бил вклучен во изработката на урбанистичката документација за Скопје, бил ангажиран од „Полсервис“. Историчарката на уметност Алицја Гзовска нагласува дека членовите на полските мисии испратени во странство вообичаено имале склучено некаков вид на групен договор. При поставувањето на ова прашање во неврзан, неформален разговор пред или по интервјуата, некои од членовите на скопскиот тим ни посочија дека државното извозно претпријатие ги задржувало најголем дел од средствата што им биле исплаќани како надоместок за сработеното во разурнатото Скопје.
„Полсервис“ ги добивала средствата од полските мисии во странски валути, коишто биле извонредно значајни за полската државна власт во тој период. За возврат, на ангажираните стручњаци им биле исплаќани месечни надоместоци во полски злоти. Вложениот труд бил огромен, но добиената финансиска сатисфакција не била голема. Алицја Гзовска објаснува дека во Полска и денес се кројат многу легенди за тоа колкави финансиски средства задржувала „Полсервис“ од вкупната исплатена сума. „Луѓето не беа сигурни колку тие навистина заработуваат, а колку државата задржува. „Полсервис“ исто така ги разменуваше странските валути во полски злоти“ истакнува таа.
*Некогашното седиште на „Полсервис“ во строгиот центар на Варшава; Фото: Бојан Блажевски.
Почнувајќи од 60 – тите години на дваесеттиот век, за полските државни власти бил извонредно значаен приливот на странски девизи за отплаќање на подигнатите кредити од разновидни финансиски институции од Западниот блок. „За владата на Полска – којашто имаше постојана потреба од цврста валута – економските цели на договорите за извоз стануваа сé позначајни и тие се влошуваа од потребата за отплата на кредитите добиени од меѓународните финансиски институции во текот на 70 – тите години од дваесеттиот век“ пишува Лукаш Станек во неговиот стручен труд. Следствено на ова, задржувањето на странските конвертибилни валути во рацете на државата, во случаите на организирање мисии во странство, било од исклучително значење.
За добиениот надоместок од вложениот труд во изработката на Генералниот урбанистички план за градот Скопје не разговаравме директно, во официјалниот дел од интервјуата со членовите на некогашниот полски тим. Како и да е, низ транскрипцијата на интервјуата, одговорот на ова прашање самиот си дојде: „Ние немавме било каков приватен интерес, единствена цел беше да се заврши работата на најзадоволителен начин. Научив многу од партнерите од другите земји. Беше интересно да се разбере дека истите прашања и истите проблеми ги гледаме на различен начин. Сето тоа ме збогати како човек“ нагласува Станислав Фурман, еден од членовите на полскиот тим што учествувал во обновата на Скопје.
Ангажираните стручњаци од „Полсервис“ во разурнатото Скопје го вложиле својот максимум при урбанистичкото планирање на метрополата. Покрај образложувањето на државните интереси за испраќање на полските мисии во странство, тука треба да се споменат и неколку лични, индивидуални перспективи што ќе се појават пред ангажираните експерти. Работењето во Скопје за голем дел од нив ќе ги отвори вратите за развој на успешна меѓународна кариера, поаѓајќи од фактот дека Обединетите нации биле исклучително задоволни од подготвената урбанистичка документација.
Сообраќајниот инженер Станислав Фурман бил фасциниран од работењето за Обединетите нации, така што продолжил да соработува со нив и на други проекти во периодот што следувал. Економистот Збигњев Галперун, којшто бил ангажиран за изработка на Регионалниот план и на Генералниот план за град Скопје, низ разговорот реализиран во Варшава ни посочи дека успешно завршената работа во Скопје го однела во други странски земји. „Научив многу во Скопје. Една од причините е поради работењето на целиот тим, така што мислам дека бев успешен во работата. Како резултат на тоа, мене ми беше дадена работа во Виетнам и јас постанав предводник на тимот од Полска во Виетнам по моето искуство во Скопје“ истакнува Збигњев Галперун. Активностите на полскиот тим во Скопје биле една од првите меѓународни мисии реализирани во текот на 60 – тите години од дваесеттиот век, што им овозможило на многу стручњаци, особено во делот на урбанизмот и архитектурата, пробив надвор од границите на тогашна НР Полска.
Љубовта кон професијата и личната амбициозност на стручњаците биле значајни стимули за да се избере работењето во странство. И покрај тоа што значаен дел од надоместоците биле задржувани од страна на државата, професионалците коишто работеле во странство имале ретка прилика за да заработат значајна сума на средства, земајќи ги во предвид условите во кои се живеело во Полска во тој период. Можноста да се работи во странство била исклучителна и не секој урбанист или архитект бил поканет за да учествува во организираните мисии. Всушност, самата слобода за патување во странство, особено во оние земји што не се дел од Источниот блок, била ограничена. Не смее да се заборави фактот дека пасошите на полските научници во периодот на комунизмот биле чувани во Полскиот институт за наука. „Во секој одделен случај кога тие (н.з. научниците) сакале да заминат во странство на научна конференција или семинар, тие пишувале опширно барање до нивната институција и само потоа тие можеа да си ги добијат своите пасоши“ ни нагласува историчарката на уметност Алицја Гзовска.
Архитектот Богдан Випорек го објаснува неочекуваниот повик за учество во полскиот тим за постземјотресна обнова на Скопје, што ќе го доведе во македонската метропола на позицијата Проектант на источната индустриска зона. „Соочувајќи се пред дилемата за избор помеѓу не толку лошата егзистенција во земјата и работењето во странство во меѓународен тим, јас се одлучив да заминам“ раскажува Богдан Випорек во неговата книга „Далеку од Варшава: Архитектонски записи од три континенти“. „Посебно, привилегирано место во моите сеќавања за откривањето на Европа имаат авантурите низ Југославија во 1966 година, откако завршив со работата во Скопје. Тоа беше првата целосно самостојна зона за откривање надвор од Народна Република Полска и можеби поради тоа и првата љубов – најзначајна и никогаш незаборавена. Од неа започна нашата желба за осознавање на Европа“ ќе напише Богдан Випорек во своите мемоари.
Во случајот на постземјотресната обнова на Скопје, првата концепт – студија за Генералниот план за градот била изработена веднаш по земјотресот од искусни стручњаци од Одделението за урбанизам во Варшава. Откако нивната студија била позитивно вреднувана од Обединетите нации, „Полсервис“ ќе постане одговорна за ангажирање на стручниот кадар, којшто во најголем дел доаѓа од самото Одделение за урбанизам на Варшава. Одлуката на полските власти била да се спојат искуството и младоста во склоп на испратениот тим за изработка на урбанистичката документација. Заедно со амбициозноста на одредени поединци и нивната искрена желба да се помогне на разурнатото Скопје, не помала улога при изборот на професионалците коишто ќе се вклучат во мисијата имал политичкиот аспект.
Синот на Адолф Циборовски, Мациеј низ разговорот одржан во Варшава ни укажува дека некои од полските стручњаци што учествувале во тимот испратен во Скопје не биле во добри односи со тогашната комунистичка власт. „Неколку членови на групата имаа воено искуство дејствувајќи илегално за време на Втората светска војна. По војната, тие се сметаа за непријатели на социјалистичкиот систем. Во текот на 50 – тите и на почетокот од 60 – тите години од дваесеттиот век, овие луѓе го криеја своето минато“ вели Мациеј Циборовски. Еден од учесниците во задушеното Варшавско востание против нацистичкиот окупатор во 1944 година бил и Збигњев Галперун, којшто бил член на Армија Крајова под псевдонимот „Антек“. Разговорот со овој член на полскиот тим испратен во Скопје го водевме во просториите на Здружението на Варшавските востаници, каде што тој е и заменик – претседател.
Историчарката на уметност Алицја Гзовска посочува дека полските архитекти и урбанисти од тоа време како слободоумни мислители се чувствувале независни од самата власт. Посочувањето на самите професионалци како алатка во рацете на комунистичкиот режим е навредливо за нив. „Ова е голем проблем кога имаме историски дискусии во однос на сталинизмот и слични периоди. Овие професионалци за проектирање и уметници навистина не се чувствувале поврзани со владата. Многу од нив се свесни дека владата била нивен работодавач, но тие се чувствуваат исполнето на индивидуално ниво со нивната независна работа и со сето она што е направено“ вели Алицја Гзовска. Отворајќи го аспектот на личната историја на членовите од полскиот тим коишто учествувале во постземјотресната обнова на Скопје, неизоставно е да споменеме за минатото на еден дел од професионалците кои дале исклучителен придонес во издигнувањето на Скопје од руините.
(Во наредното продолжение: „Од Станислав Јанковски до Станислав Фурман – различни генерации со славно минато го оформиле полскиот тим за Скопје“)
Фељтонот за инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е резултат на спроведеното истражување во Република Полска, коешто се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар од Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Авторот Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.