На 26 јули 1963 година, во 5:17 часот наутро, Скопје го погоди огромна катастрофа. Третиот по големина град во Југославија е разурнат од земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата сеизмичка скала. Речиси 200.000 жители останале без покрив над глава, а различни проценки од бројните публикации говорат дека се уништени околу 80% од објектите во главниот град на Социјалистичка Република Македонија. Скопје е срамнето со земја, а за несреќата да биде поголема, централното градско подрачје е најпогодено од природната катастрофа. Зданијата околу централниот плоштад и улицата „Маршал Тито“, заедно со Скопско Кале и Старата скопска чаршија, доживуваат сериозни оштетувања, коишто засекогаш ќе го променат дотогашниот изглед на градот.
Од природната катастрофа подеднакво биле уништени објектите изградени од периодот на Отоманското Царство, зданијата издигнати во периодот од раководењето со градот на Јосиф Михајловиќ, но и модернистичките градби од периодот по Втората светска војна. Информациите за бројот на загинати лица и степенот на разрушеност на градот набрзо се шират низ останатите градови во Југославија, но и низ целиот свет. Скопскиот земјотрес за миг прераснал во глобален настан, за кој водечките меѓународни медиуми не престанувале да известуваат. Природната катастрофа се случила во Југославија, федерацијата којашто две години претходно застана на чело при оформувањето на Движењето на неврзаните земји. Нејзиниот придонес во теоретското фундирање на неврзаноста (Едвард Кардељ), а со тоа и спречувањето на Третата светска војна помеѓу завојуваните земји од т.н. Источен и Западен блок, не остана незабележан од целокупната меѓународна јавност.
Скопскиот земјотрес се случил само неколку месеци по Кубанската ракетна криза од октомври 1962 година, која како никогаш претходно по Втората светска војна се закануваше да го втурне светот во нови катастрофални разурнувања меѓу двете водечки суперсили САД и СССР. Југословенската политика на коегзистенција во меѓународните односи и надминувањето на опасноста од нова светска војна ја поставија самата земја како еден од клучните актери што се обидуваат да ја намалат тензијата во меѓународните односи. 1963 година по ништо не е поразлична од претходната. Тензичните односи помеѓу двете суперсили за момент се прекинати од одекот за разурнувањето на третиот по големина град во Југославија. Фотографиите и снимениот видео материјал во Скопје го потсетуваат светот на разорениот пејсаж на Хирошима, Варшава, Лондон, Дрезден и други разурнати градови за време на Втората светска војна.
Поаѓајќи од ваквата констелација на меѓународните односи во светот во почетокот од 60-тите години на дваесеттиот век, меѓународната заедница речиси без исклучок се одлучува да им помогне на граѓаните од Скопје погодени од катастрофалниот земјотрес. Според изданието „Skopje Resurgent: The Story of a United Nations Special Fund Town Planning Project“, публикувано во 1970 година од страна на Обединетите нации, 87 земји од сите континенти учествувале во помошта испратена за главниот град на СР Македонија. Над 60 земји понудиле техничка помош, додека 25 земји директно учествувале во постземјотресната обнова на градот. Притоа, најголем придонес во обновата на Скопје дале останатите републики на Југославија. Армијата, доброволците и специјалната помош пристигнале во Скопје од сите страни на Југославија, славејќи го „братството и единството“ на народите и народностите од оваа федерација.
*Обединетите нации одблиску ја следеле нивната уникатна мисија во Скопје; Фото: Бојан Блажевски.
Придонесот во обновата на градот од страна на останатите републики на Југославија е повеќе од очигледен. Федералното собрание усвоило посебен закон за сејугословенски придонес кон првата фаза од реконструкцијата на Скопје за периодот од 1965 до 1971 година. Дури 400 милијарди тогашни динари се одвоени за издигнување на метрополата од руини. Притоа, македонските власти и Градот Скопје самите придонеле во фазата на „нормализација“ на состојбата со сопствени 130 милијарди динари, се наведува во објавената публикација на Обединетите нации од 1970 година. Заедно со другите народи на Југославија, во обновата на Скопје директно учествуваат 25 земји од целиот свет.
Списокот на подарени објекти од странските влади за граѓаните на Скопје е долг и заслужува барем делумно да се спомене – Франција го донира мостот „Гоце Делчев“, Алжир и СССР го градат Младинскиот дом (денешен МКЦ), Велика Британија се вклучува во издигнувањето на Драмскиот театар, а недалеку од неа, Западна Германија во населбата Карпош 2 гради нова градинка. Романија ја донира поликлиниката „Букурешт“, Полска го донира проектот за идниот Музеј на современа уметност, Швајцарија вложува во училиштето „Ј.Х. Песталоци“, додека во изградбата на Универзалната сала со свои донации учествуваат дури 35 земји од светот. Скопје со сета своја гордост постанува „град на меѓународната солидарност“. Тој е издигнат со средства од целиот свет.
Во публикацијата „Скопје – град на солидарноста“, објавена во 1975 година, е прецизно набројана целокупната помош испратена за македонската метропола до почетокот на 70 – тите години од дваесеттиот век. Преку Фондот за обнова и изградба на Скопје се вбризгани 6.040.000.000 динари, а дополнителни средства пристигнуваат и преку Фондот за помагање на обновата на Скопје. Од сите југословенски републики се слеале 156.550.000 динари, додека од странските земји била испратена финансиска помош од 347.971.000 динари. Сите овие средства биле искористени во етапната обнова на уништените зданија од земјотресот, заедно со издигнувањето на нови објекти низ целиот свет. Воедно, донирани се и 914 станови од петнаесетина земји, коишто се изградени претежно од монтажни елементи на различни локации во Скопје, покажуваат податоците од книгата „Скопје – град на солидарноста“.
Заснован на темелите на меѓународната солидарност, Скопје во период од само две децении во значителен процент ќе ги надмине последиците од катастрофалниот земјотрес. Постојните истражувања ја вбројуваат постземјотресната обнова на Скопје како соодветен пример за „недовршена модернизација“. Владимир Кулич во својот труд „Архитектурата и идеологијата во социјалистичка Југославија“ ќе напише: „Надворешната политика на неврзаност на Југославија остана запишана во урбаните простори низ меѓународната соработка, како што е обновата на Скопје под покровителство на Обединетите нации по земјотресот од 1963 година“. Кога говориме за меѓународната помош испратена за Скопје по земјотресот, посебно место за самиот развој на градот зазема залагањето на неколку земји, меѓу кои е и Полска.
Не трагајќи по исклучивост или посебност, туку кон информираност и надминување на подзаборавениот дискурс за меѓународната солидарност, овој фељтон во наредните неколку продолженија ќе се обиде да ја опише вклученоста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје. Претстојниот текст е симбиоза на реализирани интервјуа со неколкуте живи автори на урбанистичката документација за главниот град, заедно со помлади историчари на уметност, критичари на архитектурата и архитекти од Полска, коишто за оваа тема говорат од денешна перспектива. Спојот на сегашноста со минатото во однос на инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е заснована и на архивски материјал, составен од стручни и од медиумски текстови објавени во текот на 60 – тите години од минатиот век во Полска. Со сиот овој материјал ќе се обидеме уште еднаш да продреме во темата за изградбата на Скопје по земјотресот, но и за големото значење што му се придава на овој настан во интернационализацијата на полскиот урбанизам, и во помал дел, на архитектурата од оваа земја, во периодот на делумното, постепено и контролирано од властите отворање на оваа европска земја кон светот во текот на 60 – тите години на дваесеттиот век.
(Во наредното продолжение: „Полската помош во првите денови по катастрофалниот земјотрес во Скопје“)
Фељтонот за инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е резултат на спроведеното истражување во Република Полска, коешто се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар од Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Авторот Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.