Претходна статија
Со ребалансот на буџет скратени 800 милиони денари за проектот „Скопје 2014“
Следна статија
Државата се натпреварува со времето за довршување на пругата Битола - Кременица

Распишан архитектонски Конкурс за идниот кампус на универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје

Објавено на 24.08.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Новоформираниот скопски универзитет „Мајка Тереза“ денеска распиша архитектонски Конкурс за избор на идејно решение за идниот универзитетски кампус. Планираниот комплекс ќе се гради во рамки на поранешната касарна „Илинден“ во Скопје. Од професионалната фела се бара да исполни осум критериуми при проектирањето, меѓу кои се и задоволувањето на економичноста на комплексот и можноста за негов натамошен развој. За оценување на пристигнатите идејни решенија е оформена 14-члена комисија, предводена од др. Теута Кајтази Јашари. Заинтересираните архитекти и проектантски бироа имаат рок до 2 октомври за да ги достават нивните трудови до Универзитетот „Мајка Тереза“.

На распишаниот Конкурс ќе се доделат три архитектонски награди. Првата награда е во вредност од 600.000 денари, второнаградениот автор ќе се стекне со награда од 500.000 денари, додека третата награда е во износ од 400.000 денари. Предвидено е да се доделат и две откупни награди во висина од по 50.000 денари. Од Универзитетот „Мајка Тереза“ преку нивната веб-страница информираат дека самиот комплекс ќе се простира на 31.980 метри квадратни. Покрај факултетските згради, во универзитетскиот кампус ќе се гради и затворен базен со полу-олимписки димензии. Самиот објект ќе се подигне на градежна парцела од 22.280 метри квадратни. Повеќе информации за локациските услови може да се најдат на самата веб-страница на оваа установа.

 

Отворањето на нов државен универзитет во Скопје одекна како бомба од устата на поранешниот премиер Никола Груевски кон крајот на декември 2015 година. Тој тогаш напомена дека ќе се оформат 14 студиски програми, при што на универзитетот ќе се учи на три јазици. Идентични податоци се изнесени и денес. Идниот универзитет ќе има пет факултети – Факултет за градежништво и архитектура, Факултет за технолошки науки, Факултет за информатика, Факултет за технички науки и Факултет за социјални науки.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk