Кавадарци ќе мора да почека уште извесен период за ветениот аква парк во градот. Иако беше најавено дека ќе биде готов уште минатата година, Општина Кавадарци денеска го објави огласот за избор на консултант што ќе изработи физибилити студија за јавно-приватно партнерство за реализација на овој проект. Општинарите ќе почекаат на изработката на советодавниот документ, по што ќе треба да распишат оглас за избор на приватен концесионер што би го градел аква паркот. За изработка на физибилити студијата е проценето дека ќе се издвојат околу 250.000 денари, без вклучен ДДВ.
Идниот аква парк во Кавадарци би претставувал дел од постојниот градски базен, кој се наоѓа во руинирана состојба. Општинските власти сакаат оваа локација да ја дадат на приватен инвеститор, кој би исплаќал одреден надоместок во локалниот буџет. Новиот рок за остварување на овој проект е непознат, но треба да се напомене дека општински власти од Кавадарци претходно ветуваа дека аква паркот ќе биде изграден најдоцна до 2016 година.