Струмица ќе биде првата од трите општини каде што ќе се пушти во употреба пречистителна станица за отпадни води. Инфраструктурниот објект е во финалната фаза на изведба и се гради побрзо во споредба со останатите два објекти што во моментов се реализираат во земјава. „Работите се речиси при крај, односно, дел од објектите се пуштени во тестирање, го поминаа тестот, дел се подготвуваат за тестирање и се надеваме дека како што и беше планирано до крајот на октомври пречистителната станица ќе биде пуштена“ изјави Јадранка Иванова, раководител на Секторот за Европска унија при Министерството за животна средина и просторно планирање.
*Извор на фотографии: Општина Струмица
Пречистителната станица во Струмица се простира на површина од 55.000 метри квадратни и ќе опслужува 53.419 жители од градот и од околните населени места. Проектот е во вредност од 6,9 милиони евра. Договорот за изградба на овој инфраструктурен објект беше потпишан во декември 2015 година.