Скопската општина Центар започна со реконструкција на спортското игралиште кај салата „Партизан“ во Градскиот парк. Со градежниот зафат се предвидува изведба на игралиште за мал фудбал, игралиште за кошарка и фитнес центар на отворено. Проектот ќе биде комплетиран за десетина дена, а од општината се надеваат дека оваа локација ќе стане повторно атрактивно место за рекреација и дружба. Овој проект беше идеја која добила најмногу гласови на порталот „Идеи за Центар“, каде што граѓаните можат да предлагаат и да гласаат проекти што би биле реализирани од општината.
Општина Центар е првата локална самоуправа во земјава која преку интерактивна он-лајн платформа комуницира со граѓаните, собира идеи и потоа ги реализира. Реконструкцијата на спортското игралиште кај салата „Партизан“ е првиот реализиран проект преку оваа платформа. Локалните власти ги повикуваат граѓаните да продолжат со споделувањето идеи за реализација на проекти и да гласаат за идеите кои се веќе доставени.