Општина Карпош со неуспех го затвори тендерот за изградба на новата детска градинка „Мајски цвет“ во населбата Тафталиџе 2. „Не е поднесена ниту една соодветна понуда“ е краткото образложение објавено на веб-страницата на Бирото за јавни набавки. По неуспешниот тендер, локалните власти денеска го објавија вториот по ред тендер за реализација на проектот ветен од пред неколку години. Проценетата вредност на проектот е околу 14 милиони денари. Договорот со идниот изведувач на работите би се потпишал со времетраење од 12 месеци. Понудите од заинтересираните компании треба да се достават најдоцна до 4 септември.
Како плански градена населба по земјотресот, населбата Тафталиџе добила неколку бараки за основање на детските градинки „Мајски цвет“. По пет децении од изведбата на овие привремени градби, објектите се наоѓаат во многу лоша состојба. Општина Карпош во април 2016 година доби средства од околу 690.000 евра од Министерството за финансии за реализација на овој проект, кој е составен дел од грантот од Светската банка.