Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Се изведува инфраструктурата за новиот Луна парк во Скопје
Следна статија
И во јуни растела бројката на предвидени станови за градење

Ѓорче Петров четири години ја чека новата општинска зграда

Објавено на 13.08.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Хронично доцни изградбата на новата општинска зграда во Ѓорче Петров. И покрај последните најави на општинските власти дека објектот ќе биде готов до првата половина на 2017 година, на терен сѐ уште се одвиваат активности за довршување на административното здание. Фирмата на „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан требаше да го заврши проектот најдоцна за 36 месеци од потпишувањето на договорот за јавно-приватно партнерство, односно до јуни 2016 година. Но, и по повеќе од една година, на градилиштето се вршат изведбените работи што го кочат пуштањето во употреба на самиот објект.

 

 

Од она што може да се забележи на терен, општинската зграда од 3.600 метри квадратни е веќе изградена. Изведбата на стаклената фасада на објектот е завршена, а во внатрешноста се комплетирани завршните градежно-занаетчиски работи. Општинската администрација во наредниот период ќе треба да ја опреми зградата со канцелариски мебел. Партерното уредување на околниот простор не е завршено, заедно со пристапната улица до подземниот паркинг за 350 возила. Засега не е познато до кога ќе траат финалните работи пред пуштањето во употреба на самата општинска зграда.

 

 

Од друга страна, на терен може да се забележи дека проектот „Емпорио“ е во подалечна фаза на реализација. Фасадата на втората зграда се гради и понатаму, а забележливо е дека ентериерното уредување ќе треба допрва да се изведува. Овој дел од проектот „Емпорио“ беше наменет за сместување на планираниот трговски центар и деловниот простор. Во целокупниот проект беше предвидено да се вложат околу 12 милиони евра.

 

Засега е неизвесно кога ќе биде свеченото отворање на идната општинска зграда, ако се земе во предвид фактот дека Основниот суд Скопје 1 на почетокот од мај годинава ги замрзна сметките и имотот на фирмата „Трансмет“. Специјалното јавно обвинителство води постапка за случајот „Труст“, во која бизнисменот Сеад Кочан е обвинет за неправилности со тендерот за ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола.

 

Фирмата „Трансмет“ беше ангажирана при изведбата на градежните работи, но истовремено се јавува и како инвеститор на проектот. Општина Ѓорче Петров со оваа фирма го потпиша договорот за јавно-приватно партнерство, со која инвеститорот се обврза да ја финансира изградбата на административниот објект. Овој договор беше склучен кон крајот на јуни 2013 година, а со него се предвидуваше и оформување на подземен паркинг за 350 возила.

 

Општина Ѓорче Петров има децениски проблем со обезбедувањето канцелариски простории за своите вработени, а граѓаните мака мачат со неадекватниот простор што треба да го користат при исполнувањето на општинските услуги. Новата општинска зграда како ветување на хартија се гради уште од 2005 година, а во изминатиов период се испробаа неколку модели за реализација на долгонајавуваниот проект.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk