Претходна статија
И по пет години од почетокот на изградбата, Карпош нема општинска зграда
Следна статија
АД „Карпош“ со добивка од 17,3 милиони денари во првото полугодие

Македонија трета година по ред нема изградено нов енергетски капацитет!

Објавено на 11.08.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Физибилити студии од милиони денари, скапи консултанти, препишани и допишани документи, неуспешни тендери и нулта реализација на терен. Македонија веќе трета година по ред нема пуштено во употреба ниту еден поголем енергетски капацитет. За последен пат, во 2014 година беше завршен ветерниот парк „Богданци“, кој на контото на државата додаде нов објект за производство на електрична енергија со моќност од 36,8 мегавати. Претходната влада започна, но не реализираше ниту еден од поголемите проекти ветени во програмата.

 

 

Хидроелектраните „Чебрен“, „Галиште“ и „Бошков мост“, акумулацијата „Луково поле“, новата термоелектрана во Неготино, соларниот парк во Пелагонискиот регион и обезбедување на јаглен за РЕК „Осломеј“ се само мал дел од крупните проекти што останаа неостварени. Во меѓувреме, енергетската зависност на земјава од увоз на електрична енергија расте, заедно со финалната енергетска потрошувачка. Само во 2015 година е забележан пораст од 4% на финалната енергетска потрошувачка кај сите субјекти во земјава, се наведува во публикацијата „Одржлив развој 2017“ на Државниот завод за статистика.

 

Енергетската зависност од увоз во 2015 година се наоѓала на историски рекордното ниво – дури 52,3% од енергетските потреби се покриени со увоз. Податоците за 2016 година не се објавени од статистичарите. Бројките за 2015 година покажуваат дека 24,9% од бруто-потрошувачката на електрична енергија е произведена од обновливи извори на енергија, што е резултат на поволните хидролошки услови. И покрај ваквите резултати, нашата земја и понатаму има помало процентуално учество на зелената енергија во бруто-потрошувачката на електрична енергија во споредба со просекот на земјите од Европската унија.

 

Новата извршна власт засега ја нема најавено реализацијата на некој позначаен проект во енергетиката. Во објавената владина програма се наведуваат неколку проекти што треба да обезбедат нови количества на електрична енергија – изградба на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“, пренамена и повторно пуштање во употреба на термоелектраната „Неготино“, отворање на нов јагленокоп Поповјани и модернизација на ТЕЦ „Осломеј“ и изградба на фотонапонска електрана со моќност од 10 мегавати што би се градела со панели од македонско производство. Единственото нешто што останува за натамошниот период е да се види колку од овие проекти ќе видат светло во реалноста.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk