На локацијата каде во моментов функционира градскиот пазар во Велес, наскоро ќе се гради затворен објект во кој ќе бидат сместени пазарџиите, 16 дуќани, трговска и улица за достава на производи, како и санитарни јазли. Се предвидува и нова поделба на реоните во кои ќе се продаваат прехранбени производи, текстил, пластика и друго. Досега се изработени идејното решение, основниот проект, и останатата потребна документација, а вчера Општината распиша јавен повик за изведувач на градежните работи.
Проценетата вкупна вредност на проектот изнесува 12 милиони денари. Градоначалникот на Велес, Славко Чадиев, за медиумите изјави дека во првата фаза ќе се работи на долниот дел од пазарот – ќе се изведуват подготвителни и земјени работи, потоа армирани и челични конструкции кои практично се основа на новиот објект.