Починатиот академик Паскал Сотировски, македонски астрофизичар со светски глас, на 26 јули ќе добие спомен обележје во своето родно село Врбен, мавровско. Спомен-обележјето е дело на скулпторите Елена и Дарко Дуковски, а истото ќе биде поставено на местото на неговата родна куќа. Целокупниот настан е во организација на Фондацијата „Сотировски“ и Здружението на роднокрајни граѓани, чиј претседател е Владимир Глигоровски. На претстојната свеченост ќе се обрати Јордан Плевнеш, поранешен амбасадор на Македонија во Франција и ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности. Тој ќе ја навести изградбата на Куќа на македонската и балканската астрофизика, која ќе го носи името на академик Сотировски.
Академир Паскал Сотировски (1927-2003) својот работен век го помина во познатата астрофизичка опсерваторија во Париз, Франција. Како специјалист за Сонцето, неговата меѓународна научноистражувачка активност е позната во многу светски центри, а од 1991 година станува дописен член на МАНУ.