Во Општина Дојран вчера се одржа успешно референдумско изјаснување за изградбата на нови рудници на територијата на оваа локална самоуправа. Дури 94,95% од излезените гласачи од оваа општина се изјасниле против продолжувањето со работа на рудникот „Казандол“, а со речиси идентичен процент на гласови е отфрлена можноста за изградба на други рудници на територијата на оваа општина во наредниот период, вклучувајќи го и рудникот „Башибоз“. Од 2.747 регистрирани гласачи во Избирачкиот список, на референдумското изјаснување излегле 1.407 гласачи, односно 51,22% од вкупниот број на гласачи.
Успешното референдумско изјаснување во Дојран доаѓа само неколку недели по одржаниот референдум во Општина Богданци, каде што граѓаните се изјаснија против продолжувањето на изградбата на рудникот „Казандол“. Следна општина за одржување на референдум е Валандово, каде ќе се гласа на 20 август. Иницијативите за отфрлање на идеите за изградба на рудници се проширува и низ другите македонски општини. Општина Босилово треба да се изјасни околу изградбата на рудникот „Иловица“ на 3 септември, а иницијатива за референдумско изјаснување има и во Кумановскиот регион.