По неколку години изминати во ветувања, скопската општина Карпош конечно го потпиша договорот за првиот затворен базен што ќе се гради во основното училиште „Лазо Трповски“ во населбата Карпош 3. Долгонајавуваниот објект ќе чини 36.580.000 денари, а ќе го гради фирмата „Аиркон“ од Скопје. Договорот е потпишан на почетокот од јули годинава, а во тендерската постапка учествувале две компании. Времетраењето на потпишаниот договор е 12 месеци, во чии рамки треба да биде целосно изграден овој спортски објект.
Базенот во училиштето „Лазо Трповски“ ќе се гради врз основа на идејното решение на архитектот Васил Велков. Општина Карпош во неколку наврати ја поништуваше тендерската постапка за овој проект, поаѓајќи од фактот дека ниту една фирма не доставувала соодветни понуди. Локалната самоуправа пред неколку години вети изградба на пет затворени базени во основните училишта, заедно со спортски сали кај оние школи во кои недостасуваат вакви објекти.