Претходна статија
„Санос“ повторно произведува автобуси
Следна статија
СДСМ ќе побара од Градот Скопје да се прекине изградбата на Панорамското тркало

Патувањето со воз за Ниш, Белград, Загреб и Љубљана со специјални попусти

Објавено на 19.07.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Македонски железници-Транспорт со тековниот возен ред воведе специјални дисконтни цени за патување со воз од Скопје до Ниш, Белград, Загреб и Љубљана. Цената на некои билети е значително намалена, во споредба со користењето на автобус на овие релации. Повратен билет на релација Скопје-Белград-Скопје со вкалкулираниот попуст чини 1.709 денари, додека до Ниш може да се патува во двата правци за 849 денари. Рокот на важење на билетите во еден правец е 15 дена, додека повратниот билет може да се искористи во рок од 1 месец.

 

*Експресниот воз Белград-Загреб-Љубљана на железничката станица во Белград

 

Повратното патување меѓу Скопје и Загреб чини 3.653 денари, додека билет во еден правец може да се купи за 1.796 денари. Купените билети во еден правец важат 4 дена, а повратниот билет може да се искористи во текот на 1 месец. На билетарниците на Македонски железници можат да се купат билети со намалени цени и за патување кон Љубљана. Билетот во еден правец чини 2.322 денари, додека повратниот билет на релација Скопје-Љубљана-Скопје може да се купи за 4.643 денари. Од Македонски железници-Транспорт информираат дека за патување на деца се одобрува дополнителен попуст од 50% од цената за возрасни.

 

Овие билети по специјални дисконтни цени се однесуваат за патување во патнички вагони од втора класа. Во цената на билетите не е вклучена резервација на место и кај овие понуди не постои можност за враќање на делумно искористен возен билет. Во возовите кон Ниш, Белград, Загреб и Љубљана сообраќаат кушет и спални вагони, за кои е потребно да се плати дополнителна сума за легло по патник. Поаѓањата од Скопје се секојдневни од 22:19 часот, додека враќањето од Белград за Скопје е во 18:35 часот. Патувањето кон Загреб и Љубљана е со преседнување во Белград, со утринскиот воз кој поаѓа од српската престолнина. Претстојново лето на меѓународни релации од Скопје со воз може директно да се патува единствено до Белград, Солун и Приштина.