Претходна статија
Продолжувањето на булеварот „Србија“ е во завршна фаза
Следна статија
Нови велосипедски патеки долж булеварот „Св. Климент Охридски“

Започна изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Кочани

Објавено на 10.07.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Во Кочани денеска започна изградбата на пречистителната станица за отпадни води. Проектот вреден 23 милиони швајцарски франци ќе служи за опфаќање и прочистување на отпадните води од Кочани и од околните села, со вкупен број на население од 58.000 жители. „Во рамките на овој проект, преку изградба на пречистителна станица за отпадни води и главен канализациски колектор реката Брегалница ќе биде заштитена од загадувањето предизвикано од отпадните води од градот Кочани“ изјави министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку.

 

* Извор на фотографија: Општина Кочани

 

Главните финансиски средства за реализација на овој проект во висина од 21 милион швајцарски франци ги обезбеди Швајцарија преку Државниот секретаријат за економски прашања. Останатите финансиски средства се обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Кочани и ЈКП „Водовод“. За изведувач на градежните работи е избрана германска компанија WTE од страна на швајцарскиот консултант „СЕКОК“.

 

Пречистителната станица за отпадни води за Кочани е предвидено да се заврши до крајот на 2018 година. Со проектот ќе се прошири канализациониот систем во Кочани, ќе се изгради главниот колектор во должина од 12 километри и ќе се изведе пречистителната станица за отпадни води. На поставувањето на камен-темелникот во близина на селото Мојанци присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку, амбасадорот на Швајцарија во Р.М. Сибил Зутер Техада, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и кочанскиот градоначалник Ратко Димитровски.