Паркинзи на општина Центар (ПОЦ) уште еднаш побара укинување на купопродажниот договор за продажба на земјиштето за изградба на „барокна“ катна гаража кај Музејот на град Скопје. Директорот на ПОЦ Саша Богдановиќ оствари работна средба со новиот министер за транспорт и врски Горан Сугарески. „Богдановиќ го информираше министерот за сомнителните одобренија и дозволи издадени на изведувачот на посакуваната барокна катна гаража АутоМакедонија и побара конечно да се преземат сите мерки за да се поништат незаконските дејства и постапки“ информираат од ПОЦ.
Надлежното министерство ја продаде градежната парцела за изградба на катна гаража уште во 2012 година на фирмата „Никофон“. Поаѓајќи од острите негодувања на граѓаните од околните згради, Општина Центар во изминатиов период инсистираше да се сопре изградбата на овој објект. Сепак, претходното раководство на Министерството за транспорт и врски до последен момент остана на ставот дека е неопходно да се изгради планираната катна гаража. Од Паркинзи на општина Центар сметаат дека на таа локација треба да остане постојниот паркинг, кој ќе го користат жителите од околните згради.
На одржаната средба се говорело и за нерешениот проблем со префрлањето на градежното земјиште на Општина Центар, кој се одолговлекува веќе неколку години наназад од страна на Министерството за транспорт и врски. Директорот на ПОЦ, Саша Богдановиќ побарал да се додели земјиштето за изградба на новата спортска сала на КК „Работнички“ во Градскиот парк.