Претходна статија
Охрид SOS ќе учествува на 41. Седница на УНЕСКО во Краков
Следна статија
Валандовскиот совет одлучи да се организира референдум за Казандол

Автопатот Кичево – Охрид ќе чини дополнителни 120 милиони евра

Објавено на 02.07.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска изврши увид во изградбата на автопатот Кичево – Охрид и ја презентираше првичната анализа за состојбата со овој проект. Тој ја обвини претходната влада за лошо планирање и изведба на трасата, што ќе доведе до дополнително поскапување на оваа делница од минимум 120 милиони евра. „Еден од најголемите проблеми кај земјените траси е појава на свлечишта, лизгање на земјиштето, односно поместување на страничните делови на патот и затрупување на делницата“ рече Сугарески. Во најтешка состојба е трасата од Кичево до Пресека, вклучувајќи ја и изведбата на најдолгиот тунел долж автопатот.

 

* Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски

 

Министерот Сугарески посочи дека нема решение за проблемот цели 13 месеци, а целата опрема на градежните компании е на терен. Првично проектираната цена на тунелот „Пресека“ изнесувала 29.828.637 евра, но поради недостатоци во проектот таа денеска се искачила на дури 88.930.000 евра. Еден од најголемите проблеми на автопатот е појавата на свлечишта, кои го покриваат патот и го уништуваат она што веќе е сработено. Сугарески информираше дека недостатоците на проектот довеле до тоа дополнително да се проектира уште еден тунел со должина од 350 метри.

 

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со реакција на владините тврдења. Тие велат дека изнесените бројки од министерот Горан Сугарески се лага и конструкција. Од оваа партија порачаа министерот да си ги засука ракавите и да почне да ги врши своите должности. Во однос на несовпаѓањето меѓу изведената траса и она што е вклучено во изработениот проект, од ВМРО-ДПМНЕ ја префрлаат вината кај социјалдемократите. „Сугарески денеска си даде автогол. Ако има отстапки од самите проекти, тогаш за тоа единствено Сугарески треба да побара вина во неговата партија чија влада ги изготви тие проекти“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Во меѓувреме, медиумите обелоденуваат нови скандалозни решенија на претходната влада во однос на изградбата на двата кинески автопати. Дојче Веле програмата на македонски јазик денеска објави дека поранешната влада им потпишала на кинеските изведувачи дека ја презема одговорноста за сите пропусти. Со ваквиот документ парафиран од поранешниот министер за транспорт и врски, вицепремиерот за економски прашања и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта се префрла целокупната одговорност за доцнењето на изградбата на автопатите на македонската држава.

 

Автопатот Кичево – Охрид е со должина од 57 километри. Проценетата вредност на проектот уште на самиот старт порасна од 270 на 374 милиони евра, но без дополнителните трошоци што ги откри новата влада. Делницата ја гради кинеската компанија „Синохидро“, а финансирањето се врши преку кредит од кинеската Ексим банка.